Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска извршија увид во градежните активности за проширување и реконструкција на градинката Пеперутка 1” во Драчево. Во завршна фаза е темелната обнова на овој објект кој постои скоро 60 години и во кој никој досега не извршил реконструктивни зафати, а по завршување на реконструкцијата градинката “Пеперутка 1” ќе може да прими околу 150 деца и со тоа да се затворат листите на чекање во населба Драчево.

Министерот Велковски го истакна задоволството од она што досега е реализирано во општина Кисела Вода и се осврна на поддршката која ќе ја даде Министерството за опремување на овој објект, но и за останатите потреби на Општина Кисела Вода и останатите општини во делот на зголемување на капацитетите за детските градинки и намалување на бројот на деца коишто чекаат на листите за упис ширум државата.

„Кисела Вода е една од ретките општини која е пример дека со најголем дел од сопствени средства успеале да го намалат бројот во листите на деца кои чекаат упис во градинка, а се надевам во скоро време и сосема да ги доведат до нула. Она што ме загрижува, а што го истакна градоначалникот при нашиот разговор е бројот на луѓе што се плаќаат преку Буџетот на Општината, а тоа се над 70 луѓе вработени во градинките. Тоа е реалност во сите градинки на територија на Република Македонија. Во случајов, Општина Кисела Вода имала можност тоа да го направи, но во многу општини тоа не е можно. Тоа мора да се промени и тоа веднаш после 8 мај, после изборите“, истакна министерот Велковски.

Тој дополни и дека обврска на министерството ќе биде како во Општина Кисела Вода, така и во сите останати општини во Македонија, да го реши проблемот со давање согласност за вработувања и тоа на едно системско ниво, кое ќе биде предложено во изборната програма, а потоа и дел од владината програма која ќе мора да се реализира во најбрзо можно време по доаѓањето на власт.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2024 16:52