Поради лоши временски услови и топлото време во Крањска Гора, Меѓународната скијачка федерација (ФИС) беше принудена да го откаже и машкиот слалом кој овој викенд требаше да се одржи на патеката Подкорин.
Оваа одлука значи дека малиот кристален глобус за оваа сезона во слалом ќе го освои австрискиот скијач Мануел Фелер, кој има недостижни 169 бодови предност пред второпласираниот Германец Линус Штрасер пред последната слаломска трка закажа за втората половина на март во Залбах.
„Поради обилните врнежи од дожд изминатите 24 часа кои целосно ја уништија патеката, слаломот од Светскиот куп за мажи во Крањска Гора е откажан“, соопшти ФИС.
Големиот кристален глобус веќе го обезбеди Швајцарецот Марко Одермат.