„Децата во новиот систем на образование ќе научат нешта кои им се потребни за животот. Ќе се запознаваат со тоа што е претприемништво, демократија, што е тоа општество, различни култури, ќе почитуваат традиции. Ќе научат како да носат одлуки значајни за нивниот живот, како да решаваат проблеми на мирен и конструктивен начин. Децата ќе научат како да планираат домашен буџет, како да менаџираат со своето време. Ќе им го понудиме се она кое што досега го немале, а го има во ЕУ, каде што ние се стремиме да одиме, односно кој квалитет сакаме да го постигнеме“, истакна Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата „Образовна платформа за иднина“ на тема „Нов концепт за развој на образованието“.
Јаневска дополни дека ќе се посвети акцент и на вон наставните активности во зависност од афинитетите на учениците.
„Учениците од прво до четврто ќе имаат целодневна настава, а од петто до деветто тие ќе имаат едносменска настава, за да можат се ова кое што го зборуваме да можат да го остварат во училиштето. Се што треба ќе биде заокружено во тој период. За оние деца кои покажуваат посебни афинитети кон науката и образованието и се истакнуваат со своите таленти ќе направиме напредни програми и тие деца освен базата која што ќе ја стекнуваат како сите други, ќе добиваат ментори со кои ќе ги развиваат своите таленти“, дополни Јаневска.
Таа потенцираше дека ќе се прават и соодветни инфраструктурни инвестиции во зависност од тоа што е неопходно да се направи во одредени училишта.
„За да преминат во средно образование децата ќе добијат советување од страна на наставниците и стручните служби. Стручните служби ќе бидат докомплетирани и тие ќе ја работат својата педагошка и психолошка работа во училиштата. Ова кариерно советување ќе им помогне и на родителите. Во гимназиското образование наставните програми не се променети 20 години и истите ќе бидат променети и прилагодени. Ќе го поддржуваме и средностручното образование и дуалното образование, согласно потребите на пазарот на труд. Ќе отвориме уште три регионални центри за средно стручно образование, за децата да имаат рамноправни можности да пристапат кон образовниот процес и потоа на пазарот на трудот“, истакна Јаневска