„Денеска имаме неадекватни механизми со кои може да ја создадеме оценката за квалитетот на апликативната наука. Во нашата програма по темелни анализи предвидовме Буџет кој ќе опфаќа 1% од БДП само за наука, покрај другите гранки во образованието, со ова ќе создадеме финансиска самодоверба на младите и на развиените научници кои ќе можат послободно да планираат, креираат, предлагаат и врз основа на нивните резултати да едуцираат“, кажа пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска на денешната трибина образовна платформа за иднина на тема „Нов концепт за развој на образованието“ во Куманово.
Таа продолжи и додаде дека во моментов развивањето и поттикнувањето на апликативната наука е еднакво на нула бидејќи се издвојува 0,8% од БДП.
„Она што е клучно е дека ние мораме да имаме во предвид дека преку одговорностите на валоризација на трудот на еден научник во Македонија ќе создадеме во 5 години минимум 10 исто толку кредибилни и квалитетни млади истражувачи кои потоа тој круг ќе го шират и на тој начин ќе успееме да ја постигнеме целта која ја предвидовме и во нашата програма за избори, а тоа е дека во овој мандат да се избориме барем 1 државен Универзитет или генерално Универзитет да биде дел од 1,000 Шангајска листа“, рече Василевска.
Таа истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди адекватни решенија со кои ќе се овозможи навистина луѓето да се ослободат од стегите на стравот и партизација.
„Почитувани колеги, бевте многу пати изманипулирани имавте многу тежок пат, тешко се преживува со лошите финансиски услови со кои сите бевме вреднувани во Република Македонија, особено овие 7 години тоа го осетивме сите. Ние уште во јануари со влегувањето во техничката влада покажавме дека можеме да ги поддржиме колегите, нашите универзитетски професори и научници и ви ветувам дека до крај ќе се бориме за вашето достоинство и просторот за работа кој мора да ви е дозволен и даден бидејќи вие несебично работите и со љубов се вложувате за идните генерации во Република Македонија“, заклучи Василевска.