Италијанскиот тенисер Јаник Синер без поголеми проблеми се пласираше во осминафиналето на турнирот во Индијан Велс, откако го совлада Германецот Јан – Ленард Штруф со 6-3, 6-4 и ја забележа својата рекордна 17. победа во серија.

Синер со денешниот триумф постави нов италијански рекорд што досега беше во сопственост на Адријано Паната. Тој во текот на 1976 година имаше низа од 16 победи, а таа година Италија прв пат триумфираше во Дејвис купот, а Паната го освои својот единствен грен – слем трофеј во кариерата, триумфирајќи на Роланд Гарос.

Победничката серија на неговиот сонародник Синер почна на крајот од минатата година кога во завршницата на Дејвис купот забележа три победи, а воедно ја предводеше Италија до својата втора титула во ова екипно натпреварување.

Синер потоа го освои својот премиерен грен – слем трофеј, триумфирајќи на Австралија Опен, како и титулата во Ротердам, а на актуелниот турнир во Индијан Велс забележа две стартни победи и обезбеди пласман во осминафиналето.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2024 15:38