Денес, 12 март 2024 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до јуни 2023 година, како и Индексот на рационалност каде што се споредени цените по коишто различни институции набавувале сосема ист производ или услуга, во случајов услуги за заловување и стручен третман на кучињата скитници.

Клучните наоди од мониторингот и од Индексот на рационалност вклучуваат:

- Секој трет договор за јавна набавка е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Со вакво отсуство на конкуренција, склучени се договори во вкупна вредност од 283 милиони евра.

- Се намалува просечниот број на понуди во јавните набавки, кој во мониторираниот период падна на 2,8, наспроти 3, колку што изнесуваше во 2022 година. Отсуството на конкуренција е особено загрижувачко во здравството.

- Одлуките што се донесуваат при спроведувањето на јавните набавки не се соодветно и прецизно образложени што фрла сомнеж врз објективноста и законитоста на постапувањата. Ова главно се однесува на одлуките за отфрлање на доставените понуди и за поништување на тендерите.

- Во значаен дел од постапките не се утврдуваат количините на она што се набавува, со што, се оневозможува фирмите да понудат пониски цени за поголеми количини на набавка. Ова овозможува манипулација и злоупотреби во фазата на реализацијата на договорите.

- Во нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас, во првото полугодие од 2023 година склучени се договори во вкупна вредност од околу 11 милиони евра. Дури 91 % од овие договори се склучени во преговори со само една фирма. Најголема вредност на овој вид договори има АД Електрани.

- Истражувањето на цените на тендерите за третман на кучиња покажува многу ниска конкуренција од само 1,5 понуда по тендер. За некои услуги, како што е „еднодневен престој на куче во прифатилиште“ највисоката цена е 244 % повисока од просечната, а за друга услуга „заловување, транспорт до амбуланта и враќање“, највисоката цена е за 12,5 пати повисока од најниската цена.

Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Центар за граѓански комуникации



Автор: Администратор
Објавено на: 12/03/2024 13:33