Србија и натаму е рекордер во регионот по годишна стапка на инфлација. Според последните податоци објавени во земјите од регионот, Србија е на прво место со годишна инфлација во февруари од 6,4 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.

По Србија, следат Црна Гора со годишна инфлација од 4,4 отсто (податоците се за јануари 2024 година), потоа Хрватска (4,1 отсто), Словенија (3,4 отсто), Северна Македонија со годишна инфлација од три отсто, Албанија со 2,6 отсто. Босна и Херцеговина има најниска стапка на инфлација во регионот, која во јануари 2024 година изнесува 1,96 отсто на годишна основа.

Инфлацијата во Србија падна во февруари, од јануарските 6,4 отсто, на 5,6 отсто во однос на истиот месец лани, објави денеска Републичкиот завод за статистика.

Цените на производите и услугите за лична потрошувачка во февруари 2024 година, во однос на јануари 2024 година, се зголемени во просек за 0,6 отсто.

Потрошувачките цени во февруари 2024 година, во однос на истиот месец од претходната година, се зголемени за 5,6 отсто, додека во однос на декември 2023 година се зголемени во просек за 0,9 отсто.

Гледано по главните групи на производи и услуги класифицирани според намената на потрошувачката, во февруари 2024 година, во однос на претходниот месец, раст на цените е забележан во групите „Алкохолни пијалаци и тутун“ (2,0 отсто), „Транспорт“ (1,9 проценти), „Ресторани и хотели“ (1,0 проценти), во групите „Храна и безалкохолни пијалоци“ и „Здравје“ (по 0,4 проценти).

Дополнително, за 0,2 отсто поскапеа и групите „Домување, вода, струја, гас и други горива“ и „Опрема за стан и тековно одржување“.

Пад на цените е забележан во групите „Облека и обувки“ (-1,1 отсто) и „Комуникации“ (-0,1 отсто). Цените на останатите производи и услуги не бележат значителна промена.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2024 23:47