Како што стојат сега бројките очекувам во вториот круг убедливо како прва да влезе професорката Гордана Силјановска Давкова, а како втор актуелниот претседател Стево Пендаровски. Очекувам разликата по првиот круг да биде поголема од 100 илјади гласа предност на Силјановска во однос на Пендаровски, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата Клан Директ што се емитува на телевизија Клан. Според Мицкоски тоа ќе значи многу во насока на тоа како ќе се движат работите помеѓу двата круга, бидејќи како што рече „вториот круг е во исти ден како и парламентарните избори и резултатот од првиот круг претседателски избори во многу нешто ќе влијае и во самата кампања и во атмосферата помеѓу двата круга, но и на парламентарните избори на 8 мај“.
Мицкоски се осврна и на очекувањата од парламентарните избори кои ќе се додржат заедно со вториот круг од претседателските избори.
„Очекувам убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ без дилема. Ако сега би се одржале изборите следната недела ние би се движеле помеѓу 53 и 56 пратеника. СДСМ би бил тука некаде околу 25, албанските политички партии би делеле некаде помеѓу 25 и 27 и останатото би било дел од портфолиото на ЗНАМ и Левица. Тоа е резултатот кој го очекувам доколку следната недела би имале избори“, кажа Мицкоски.