„Ние вчера излеговме со официјални податоци дека веќе и јавниот долг на државата ја поминува онаа психолошка граница од 60% и станува збор за 62% задолжување кое што го имаме во моментов“, истакна портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во „Слободен печат“.

„Од една страна постојано велеа дека ќе имаме годишен раст од 2,9%. Но, ние имаме статистика која што вели дека растот е само од 1%. Да не зборуваме доколку направиме споредба со регионот. Изминативе седум години земјите од регионот имаат 50% раст на БДП, Македонија за истиот тој период на истата да речеме географска положба, тука сме сите земји од Западен Балкан, кои што сите се соочивме и со корона кризата, и со енергетската криза, дури и со оние глобални текови кои што се случуваат, некако ние имаме само 9% раст на БДП. И тука можеме директно да видиме дека власта навистина не направи ништо во делот на економијата“, заклучи таа.

Митева додаде дека има уште еден фрапантен податок и практично кој што исто така е спротивен на законот е буџетскиот дефицит, кој што мора да биде во рамките на 3%, а, веќе оваа година надминува 4%.

„Сметам дека како политичари можеби е време да се посветиме на едни вакви политики, на едни вакви мерки, на еден ваков начин на размислување како овие состојби да ги подобриме, како да направиме Македонија да биде подобро место за живеење. Затоа што од власта на Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ искрено она што можевме да го видиме во овие седум години беше само криминал и корупција“, нагласи Митева.

„Каде сакате да се свртиме и да погледнеме, дали станува збор за делот на образованието каде што трета година по ред ние имаме ученици кои што не ги добија учебниците. Ако сакате да погледнеме во здравството наместо да добиеме согласно нивното ветување бесплатно здравствено лекување ние имаме случај „Онкологија“. Доколку погледнеме во делот на инфраструктурата ќе видиме дека два километри автопат не успеаја да изградат“, потсети таа.

Митева рече дека Македонија поради оваа власт само се задолжува, а нема ниту еден капитален проект.

„Сметаме дека ова се работите кои што се важни и ова се работите за кои што ние треба да зборуваме“, укажа таа.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2024 14:56