Во Црна Гора, по силниот земјотрес што се случи утринава кај Никшиќ, регистрирани се 30 послаби земјотреси од 3,5 до еден степен според Рихтеровата скала, изјави раководителката на Одделението за анализа и обработка на податоци при Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија, Милена Томановиќ.
Таа рече дека земјотресот со јачина од 5,3 степени, чиј епицентар бил на пет километри од местото Чараѓе кај Никшиќ, можел да предизвика штети во епицентралното подрачје.
„Ова е земјотрес што се случи во пограничното подрачје на Црна Гора и Босна и Херцеговина, тоа е сеизмогената зона Билеќа и Пива“, рече Томановиќ на прес-конференција.
Според неа, очекувано е ваков вид земјотрес со јачина од 5,3 степени да се почувствува и на поширокото подрачје.
Зборувајќи за последователните земјотреси, Томановиќ рече дека не можат да предвидат дали може да се случи нов земјотрес со иста или поголема јачина.
„Имавме 30 последователни земјотреси, со јачина од 3,5 до еден или 1,5 степени“, рече Томановиќ.
Таа нагласи дека серијата земјотреси од утринава покажала дека дошло до будење на сеизмичка активност.