Лидерите на трите главни опозициски партии во Косово - Мемли Красниќи од Демократската партија на Косово (ПДК), Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово (ААК) – се сретнаа синоќа со специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, при што, како што рекоа, била нагласена неопходноста од координацијата на Косово со Западните сојузници и значењето на партнерството со САД, јави дописникот на МИА од Приштина.
Лидерот на ЛДК, Абдиџику, во денешното обраќање пред новинарите во косовското Собрание, рече дека американскиот емисар јасно им дал до знаење дека односите меѓу Косово и САД никогаш не биле на пониско ниво.
- Во однос на синоќешната средба, тоа беше информативна средба за билатералните односи меѓу Косово и САД. Едноставно речено, она што ни беше кажано јасно и гласно е дека овие односи никогаш не биле на пониско ниво од денес. Недостатокот на блиска координација со нашите главни сојузници, со САД, носи последици за евроатлантските интеграции на Косово и оваа ситуација секако е загрижувачка за сите нас, рече Абдиџику.
Лидерот на ПДК, Красниќи по средбата со Ескобар синоќа рече дека за време на работната вечера размениле мислења за актуелните политички настани во Косово и за „визијата за попросперитетна иднина на народот и земјата“.
- Секоја победа и секој успех на патот кон ослободувањето, независноста и градењето држава Косово ја постигна со САД, затоа нашето партнерство е незаменливо на идниот пат кон евроатлантските интеграции, нагласи Красниќи.
Поранешниот премиер, актуелен лидер на ААК, Харадинај по средбата рече дека посетата на Ескобар доаѓа во важен момент за Косово и регионот.
- Ја искористив приликата да му се заблагодарам на Ескобар за неговата посветеност на зајакнувањето на односите на Косово со САД, како и за неговата посветеност на процесот на дијалог (меѓу Косово и Србија), рече Харадинај.
Тој нагласи дека побарал и да се подигне нивото на билатералните односи меѓу Косово и САД.
- Има напредок, но нагласив дека е многу неопходно да се турка напред државната агенда на Косово со висока државна и институционална одговорност кон членството во НАТО, како и владата да биде во целосна соработка со нашиот стратешки и вечен сојузник – САД, рече Харадинај.
По пристигнувањето во Косово, вчера претпладне американскиот заменик-помошник државен секретар се сретна со претседателката на државата, Вјоса Османи, додека денеска во 15.30 часот ќе се сретне и со косовскиот премиер, Албин Курти.
Пред состанокот со опозициските лидери, пратеникот на американскиот претседател, Џо Бајден за Западен Балкан вчера имаше средба со командантот на Мисијата на НАТО во Косово – КФОР, генерал Озкан Улуташ, додека денеска претпладне го посети православниот манастир во Дечане, за кој косовската Влада вчера донесе одлука да му се признае сопственоста на 24 хектари земјиште.
Пред доаѓањето во Косово, Ескобар на средба со новинарите во Брисел изјави дека со домаќините ќе разговара за дијалогот меѓу Приштина и Белград, за потребата од формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово и за спорната одлука на Централната банка на Косово за забрана на српскиот динар за готовинско плаќање во земјата.