Специјалниот пратеник на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар порача дека косовските Срби мора да живеат безбедно и достоинствено, нагласувајќи дека за одговорна ќе се смета Владата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ескобар, на вториот ден од посетата на Косово, претпладнево го посети Дечанскиот манастир, еден ден откако Владата и наложи на Агенцијата за катастар да го запише имотот од 24 хектари земјиште на манастирот, а потоа ја посети и општина Пеќ, каде што се сретна со градоначалникот Газменд Мухаџери, претставници на граѓанскиот сектор и медиумите, како и со млади од албанската, српската и бошњачката заедница во таа општина.

Во интервју за тамошниот медиум на српски јазик Радио Гораждевац, американскиот емисар рече дека видел оти, поради новата регулатива на Централната банка на Косово, која го забранува користењето на српскиот динар, косовските Срби страдаат и имаат реални потешкотии да ги добијат пензиите и другите приходи кои им се исплаќаат од Србија.

- Сакав да дојдам во овој град, да ги слушам приказните на луѓето од прва рака за тоа како тие се погодени од одлуката на Централната банка на Косово. Тешко е да се слушаат овие приказни и да се остане рамнодушен. Тука постои заедница која навистина страда. Има луѓе кои се соочуваат со реални проблеми поради немањето можност да добијат пензии, рече Ескобар.

Неколку часа пред средбата со косовскиот премиер Албин Курти, Ескобар истакна дека „навистина сака да работи со Владата на Косово со надеж дека ќе се најдат итни решенија“.

Американскиот емисар ѝ порача на српската заедница во Косово дека „САД се тука“ и дека „сакаат Србите во Косово да живеат во безбедни и достоинствени услови“.

- И ние ќе продолжиме да работиме на тоа. А што се однесува до Владата на Косово, тие имаат одговорност да го постигнат тоа и ние ќе бараме одговорност од нив за тоа. Мислам дека сите луѓе во Косово можат да сметаат на американската поддршка - Албанците, Србите, Бошњаците, сите кои живеат во оваа земја. Се надевам дека ќе ја почувствуваат американската поддршка и американското партнерство, додаде Ескобар.

Во интервјуто за Радио Гораждевац американскиот специјален пратеник накратко се осврна и на минатогодишниот француско-германски предлог за продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград.

- На подолг рок, сè уште треба да работиме напорно за да го имплементираме историскиот договор за нормализација што го постигнавме минатиот март (во Брисел и Охрид). Така што - ќе продолжиме да работиме, изјави Ескобар.

По пристигнувањето во Косово, вчера претпладне американскиот заменик-помошник државен секретар се сретна со претседателката на државата, Вјоса Османи, додека за денеска попладне е најавена средба и со косовскиот премиер, Албин Курти.

Вчера тој се сретна со лидерите на главните опозициски партии во земјата, како и со командантот на Мисијата на НАТО во Косово – КФОР, генерал Озкан Улуташ.

Пред доаѓањето во Косово, Ескобар на средба со новинарите во Брисел изјави дека со домаќините ќе разговара за дијалогот меѓу Приштина и Белград, за потребата од формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово и за спорната одлука на Централната банка на Косово за забрана на српскиот динар за готовинско плаќање во земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2024 01:24