Амбасадорите на таканаречената „Група Квинта“, односно петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција, ја поздравија вчерашната одлука на Владата на Албин Курти да му се признае на православниот Манастир во Дечане правото на сопственот на 24 хектари земјиште, согласно одлуката на Уставниот суд на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Овој чекор, се вели во заедничкото соопштение на амбасадорите на Квинта и шефот на Мисијата на Европската унија во Косово, е во согласност со европските и евроатлантските аспирации на Косово.
- Шефовите на мисиите на Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја поздравуваат и ѝ честитаат на Владата на Косово за одлуката за спроведување на одлуката на Уставниот суд од 2016 година, со која се потврдува сопственоста на Дечанскиот манастир на неколку хектари земјиште. Налогот до косовската Агенција за катастар за запишување на ова земјиште на име на Дечанскиот манастир и гарантирањето дека тоа прашање е завршено, претставува важен чекор напред за косовските власти во согласност со европските и евроатлантските аспирации, се вели во соопштението.
Квинта и ЕУ нагласуваат дека „спроведувањето на владеењето на правото и почитувањето на независноста на судството се обврски на сите демократски избрани влади и неопходни предуслови за интеграција на Косово во европските и евроатлантските институции“.
Владата на Косово вчера ѝ наложи на Агенцијата за катастар да ја спроведе одлуката на Уставниот суд за признавање на правото на сопственост на 24 хектари земјиште на Дечанскиот Манастир.
Премиерот Албин Курти, по соопштувањето на веста на вчерашната седница на Владата, рече дека одлука ја донел, затоа што тоа е услов за прием на Косово во Советот на Европа.
Курти нагласи дека и натаму ја смета одлуката за штетна, но порача дека зачленувањето на Косово во СЕ ќе биде „историска победа“ за земјата