Специјалниот пратеник на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар, по средбата со премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека односите меѓу двете држави во моментов се соочуваат со предизвици поради начинот на кој се третира српското малцинство од страна на Владата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обраќајќи им се на новинарите по средбата со Курти, Ескобар рече дека се надева оти Владата на Косово ќе биде флексибилна во разговорите што ќе се одржат идниот вторник во врска со новата регулатива на Централаната банка на Косово (ЦБК), со која се забранува користењето на српскиот иднар во земјата.
Ескобар нагласи дека одлуката на ЦБК им го отежнува животот на српските граѓани во Косово и дека САД се загрижени поради тоа.
- Мора да се признае дека нашите односи сега имаат одредени предизвици, а овие предизвици се должат на третманот на српското малцинство во Косово. Тоа е итно хуманитарно прашање кое мора веднаш да се реши. Се надевам дека Владата се согласи да биде флексибилна во овие дискусии во дијалогот во вторник, изјави Ескобар.
Тој рече дека ги слушнал кажувањата на српските граѓани вп Косово за проблемите со кои се соочуваат поради новата регулатива на ЦБК.
- Тоа се најранливите категории - инвалидите, пензионерите и студентите. Бев трогнат од нивните кажувања за тоа како одлуката влијаела врз нив, изјави Ескобар.
Тој рече дека имал добар разговор со Курти за прашањето на динарот и дека премиерот ја зел предвид американската загриженост за ефектот од забраната на српската валута кај локалните Срби и ветил дека ќе разгледа некои од предлозите кои му ги изнел на состанокот.
- Имавме многу добра дискусија и јасно кажав дека никој не треба да ги слуша приказните на луѓето кои се најмногу погодени од оваа одлука. Секако дека сме трогнати од приказните на луѓето и влијанието што оваа одлука (на ЦБК) ја имаше врз нив. Премиерот зеде предвид и вети дека ќе земе предвид некои од предлозите што ги дадов денес, рече Ескобар.
Запрашан за критиките за наводно неурамнотежениот пристап на САД кон Косово, Ескобар рече дека сé што направиле САД во последната година било „за Косово“.
- Веднаш по Охрид (во март минатата година) ја поддржавме вашата кандидатура за Советот на Европа, ги поддржавме вашите демократски процеси, вклучително и изборите на север. Останавме со вас по 24 септември, донесовме одлука да ви испорачаме (ракети) „џевелин“, кажете ми како е ова неурамнотежено? Сè што направивме беше за Косово и ќе продолжиме да го правиме тоа. Во меѓувреме, се надеваме дека Косово ќе ги слушне нашите грижи. Не треба да биде тешко, бидејќи тие (Србите) се државјани на Косово, рече Ескобар