Воената мултинационална вежба „TROJAN FOOTPRINT (TFP) – 24“ на специјалните сили - силите за специјални операции во која учествуваа и припадници на специјалните сили на Северна Македонија, заедно со нивните колеги од уште седум земји и домаќинот Грција, заврши денеска откако во изминатите 17 дена се одржуваше на грчка територија , јави дописничката на МИА од Атина.
Од Генералштабот на грчката армија соопштија дека воената вежба беше во рамките на НАТО вежбата „STEADFAST DEFENDER – 24“, со учество на припадници и средства на Командата за специјални војни на Грција под раководство на Командата за специјални операции на САД за Европа (US Special Operations Command Europe), а учествуваа припадници на специјалните сили на Албанија, Бугарија, Франција, Република Северна Македонија, Обединетото Кралство, САД, Италија и Црна Гора.
-За време на вежбата, учесниците имаа можност да тренираат во планирање и спроведување на сложени оперативни сценарија, што придонесе за зголемување на борбената способност, како и за подобрување на интероперабилноста на специјалните сили – силите за специјални операции, информираат од Генералштабот на грчката армија.
Паралелно, додадоа дека припадниците на грчката команда имале вежба во Криволак во Македонија.
На отворениот ден во понеделникот, како што објави МИА, вежбата на островот Евија ја следеа министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас и началникот на Генералштабот на грчката одбрана Димитрис Хупис.
-Вечерва имавме можност да го видиме исклучителното ниво на професионализам на нашите специјални сили, жени и мажи, но и на специјалните сили од земјите пријатели кои се овде во Грција и се обучуваат со нас, за соработката која е заемно корисна, која има за цел да обезбеди безбедност, стабилност и просперитет на нашите држави и народи, во овој сложен, опасен и брзо менувачки свет, истакна тогаш Дендиас.