Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ на претстојните избори ќе настапи како носител на листата на СДП во Првата изборна единица, соопштија на прес-конференција тој и претседателот на СДП Пеѓа Грбин.

-Знам дека имаше многу критики на моја сметка и затоа нема да бидам кандидат на СДП за премиер на овие избори, рече Грбин денеска на прес-конференција на плоштадот Марулиќ во Загреб и го отстапи местото на Милановиќ, кого го најави како „носител на листата на СДП во 1. ИЕ“.

Милановиќ даде кратка изјава и најави дека ќе се повлече од претседателската функција по победата на изборите.

- По изборната победа, за која сум сигурен, ќе се повлечам од функцијата претседател на Републиката и со поддршка на новото мнозинство во хрватскиот Сабор ќе ја преземам одговорноста да ја водам Владата на Република Хрватска. До доаѓањето на мојата нова функција ќе продолжам да ја извршувам функцијата претседател на Република Хрватска согласно моите уставни обврски и должности“, изјави Милановиќ.

Тој очекува да има парламентарно мнозинство за формирање влада за национален спас.

Зоран Милановиќ како шеф на државата денеска ги распиша парламентарните избори во Хрватска за 17 април.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2024 19:01