Палки, празни пивски шишиња што се користат за молотови коктели, шок бомби, солзавец, меѓу другото, пронашла грчката полиција во универзитетскиот кампус во Атина за време на денешната акција и биле приведени три лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Во текот на ноќта во неделата и во четвртокот во атинската населба Зографу, во непосредна близина на кампусот беа запалени паркирани возила, но имаше и инциденти меѓу непознати лица и полицијата, а постоеја сомнежи дека сторителите излегле токму од студентските домови.
Акцијата на полицијата, со цел сузбивање на криминалот и деликвенцијата, беше спроведена во раните утрински часови во внатрешноста на кампусот каде што беа уапсени двајца грчки и еден странски државјанин.
При проверката на студентските домови, како што соопштија од полицијата, биле пронајдени и одземени: 27 празни пивски шишиња, 11 палки, четири шок бомби, два солзавци, пет шлемови, гас маска, маски за лице од типот „full face“, лаптоп, камера, запалено грчко знаме, ракавици, како и голем број рачно напишани белешки со анархистичка содржина.
-Специјалните оперативни акции на грчката полиција ќе продолжат со несмален интензитет со цел зајакнување на чувството на безбедност кај граѓаните, соопштија од полицијата