По вчерашната акција во универзитетскиот кампус во Атина, грчката полиција спроведе акција и во солунскиот универзитет „Аристотел“, при што беа уапсени 49 лица и пронајдени се палки, гас маски, шлемови итн., јави дописничката на МИА од Атина.

Акцијата била по пријавите за предизвикана штета на библиотеката во изградба, уапсените 49 лица денеска биле изнесени пред јавен обвинител.

Во рамките на полициската акција биле пронајдени и одземени 22 палки, 12 гас маски, 11 противпожарни апарати наполнети со боја, шест шлемови, четири пиротехнички материјали, предмети за сечење метал, чекан, но и полициски солзавец и шок бомба.

Речиси исти предмети беа пронајдени и при вчерашната акција во универзитетскиот кампус во Атина, каде што беа уапсени три лица.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во седмичниот преглед што секоја недела го објавува на „Фејсбук“ се осврна и на ситуацијата во универзитетските кампуси во земјата, истакна дека „универзитети им припаѓаат на сите студенти“, а за оние студенти кои предизвикуваат штети, законот предвидува нивно испишување.

-Сакам да испратам порака дека нема да дозволиме т.н „забави“ во кампусите да се претворат во прослави на насилство и предизвикување катастрофи. За ваквите инциденти мора да постојат и последици, кои се предвидени со законот и достигнуваат до целосно испишување на студентите. А дисциплинските органи на универзитетите се одговорни да го спроведуваат законот, кој конечно мора да се спроведе, напиша Мицотакис.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/03/2024 21:16