Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и египетскиот претседател Абдел Фатах Ал-Сиси на нивната вчерашна средба ја потврдиле одлуката за надградба и продлабочување на стратешките односи меѓу двете земји и потпишале заедничка декларација за формирање Висок совет за соработка Грција-Египет, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис вчера се сретна со Сиси во Каиро во рамките на посетата заедно со претседателката на ЕК, претседателот на Кипар, премиерите на Белгија и Италија и канцеларот на Австрија, на која беше постигнат договор меѓу ЕУ и Египет.

Мицотакис и Сиси, како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, посебен акцент ставиле на енергетската соработка и проектот за електрична интерконекција меѓу двете земји, разговарале за одличното ниво на билатерални односи и се договориле за формирање на Високиот совет, чиј прв состанок ќе се одржи во Атина.

По состанокот на ЕУ лидерите со египетскиот претседател, Мицотакис се осврна и на мигрантското прашање, истакнувајќи дека ги поздравуваат напорите на Египет „за спречување на бегалските бранови да стигнат до медитеранската рута“.

-Разговаравме дека треба да го спречиме отворањето на нови рути и тесно ќе соработуваме со Египет за да се осигураме дека оваа цел е постигната. Исто така, ќе работиме тесно со Египет за да обезбедиме отворање на легални миграциски рути за да им дадеме можност на повеќе млади Египќани да патуваат легално во Европа, наместо потенцијално да ги ризикуваат своите животи на многу опасни патувања, истакна Мицотакис.

Во однос на ситуацијата во поширокиот регион, грчкиот премиер посочи дека Египет има важна улога.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2024 12:14