Европа го блокира големиот проект на српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиоер Виктор Орбан, брзата пруга помеѓу Белград и Будимпешта, објави денеска српскиот портал „Нова.рс“.
- Брзите возови кои веќе ги превезуваат граѓаните на Србија од Белград до Нови Сад, се чини дека уште долго ќе ја немаат Будимпешта како дестинација, без оглед на претходните најави на лидерите на Србија и на Унгарија дека за неколку години патувањето од едната до другата престолнина ќе се стигнува за 2,5 часа. Додека делницата се гради низ Србија, во Унгарија работите се стопирани поради што кинеските изведувачи не ги почитуваат европските градежни стандарди, објави порталот.
Според „Нова.рс“ индикации дека има проблеми во работите на унгарскиот дел од железницата се појавија есента 2023 година, кога унгарските медиуми објавија дека кинеските изведувачи имале проблем со изградба на систем за безбедност и контрола на возовите според европските стандарди.
Минатиот месец порталот „Дивани“ објави дека се стопирани работите на пругата во близина на Будимпешта, поради немање работни дозволи. Во унгарската јавност веќе подолго време се зборува дека кинеските изведувачи не знаат да направат безбедносен систем по европски стандарди. Имаше информации дека некои германски компании се заинтересирани за тој бизнис, но дека Кинезите не се согласиле на нивно вклучување.
- Веќе се споменува можноста за отворање алтернативни правци преку пругите во Хрватска и Словенија, наведува „Нова.рс“