Проблемот со високите цени е прв политички приоритет на нашата Влада и верувам дека интервенциите што ги направивме покажуваат некои први резултати, но во секој случај не можеме да кажеме дека сме задоволни и дека го запираме нашиот напор, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис истакна дека мерките од Министерството за развој донесоа забележителни намалувања на цените на голем број производи за широка потрошувачка, вклучително и млекото за бебиња, што е намалено за над 15 отсто.
Паралелно посочи дека со несмалено темпо продолжуваат контролите за правилно функционирање на пазарот.
Грчкиот премиер на средбата се осврна и на ситуацијата во универзитетските кампуси во Грција, по двете полициски акции во текот на викендот во Солун и Атина и повтори дека „незаконските дејствија нема да бидат прифатени“, но и дека е потребна соработката со универзитетските власти.
-Не може да има студенти кои континуирано вршат незаконски дејствија, а универзитетите да не го преземаат очигледниот потег, а тоа е да ги испишат. Во ниту една друга земја во светот не би постоела толеранција која понекогаш постои кај нас за вакви појави, истакна Мицотакис