Американскиот помошник секретар на Меѓународното биро за наркотици и спроведување на законот, Тод Д. Робинсон престојува во дводневна посета на Тирана, каде имаше средба со првиот човек на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, Алтин Думани и директорката на Националното истражно биро, Аида Хајна, со нивните соработници.

Амбасадата на САД во Тирана, преку објава на социјалните мрежи наведува дека Робинсон побарал од албанските институции да продолжат со реформите, кои, според него, носат промени во земјата.

-Денеска Албанците преземаат важни чекори во спроведување на тешки реформи. Сакам сите да знаете дека моите колеги и јас во Вашингтон ја препознаваме вашата напорна работа. Но, како и секоја друга напорна работа за зајакнување на демократијата и зголемување на одговорноста, тоа е долг и тежок пат. Сакав да ве охрабрам прво да знаете дека носите промени и второ да не се откажувате, да продолжите, им порачал тој на соговорниците.

Додал дека САД ќе се „потпрат на Албанија како партнер во борбата против меѓународниот криминал и корупцијата во Западен Балкан“.

-Ќе се потпреме на вас како партнери во борбата против меѓународниот криминал и корупцијата во Западен Балкан. Но што е најважно, албанските граѓани веруваат во вас. И можам да ви ветам дека додека ја продолжувате својата работа, американската влада ќе биде ваш партнер во ова и ќе оди заедно со вас во поддршката за вас и за Албанија, наведува Робинсон.

За време на престојот во Тирана, планирана е средба и со премиерот Еди Рама, по што заминува за Приштина, каде меѓу другото, предвидена е средба со претседателката Вјоса Османи.

Робинсон во периодот од 2004 до 2006 година работел во американската амбасада во Тирана.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2024 16:53