Хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ денеска изјави дека се што се случува, по најавата на претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ за учество на парламентарните избори и кандидатурата за премиер, што му е забрането од Уставниот суд, е трагедија за СДП и дека не е за чудење што две партии - Фокус и Истарскиот демократски сојуз (ИДС) веќе ја напуштија предизборната коалиција.
„Логично е партиите да си заминат. Оној кој знае да работи со партнерите знае една основна, клучна поставка, а тоа е дека така големи одлуки како оваа треба да се консултираат. Оние кои заминаа направија паметен потег“, им рече Пленковиќ на новинарите во Загреб.
На прашањето што се случило по предупредувањето на Уставниот суд до Милановиќ и СДП, Пленковиќ вели дека ХДЗ си ја врши работата, а за се друго ќе се погрижи Државната изборна комисија.
„Имаме своја програма и визија за Хрватска и ќе се справиме со тоа“, рече Пленковиќ. Тој вели дека воопшто не го перципира Милановиќ.
„Ова е трагедија за СДП. Тоа што тој е негов проблем и воопшто не ни е важно“, истакна Пленковиќ.
Тој потсети дека ХДЗ е цврсто на десниот центар, а нивни партнери им се малцинствата, пензионерите, демохристијаните, либералите.