Поранешната главна преговарачка на Косово во дијалогот со Србија, Едита Тахири вели дека Европската унија треба да признае дека не успеала и да го прогласи актуелниот дијалог меѓу Приштина и Белград со нејзино посредство за „мртов“, јави дописникот на МИА од Приштина
Тахири во интервју за порталот „Фронт онлајн“ (frontonline.net) вели дека премиерот Албин Курти „го порази Косово“ со тоа што не успеа да постигне договор со Србија за меѓусебно признавање на двете држави
- Дијалогот во Брисел е пропаднат, веќе мртов. Со самиот факт што и по една година нема спроведување на договорот за имплементација од Охрид, треба официјално ЕУ да објави дека дијалогот е мртов. Курти го порази Косово во овој дијалог, бидејќи не постигна договор за меѓусебно признавање меѓу двете држави и покрај тоа што имаше силна американска поддршка за меѓусебното признавање, изразена во писмото на претседателот (Џо) Бајден, изјави Тахири.
Според неа ЕУ треба да побара од Америка да посредува во дијалогот.
- Во овој контекст мора да имаме предвид дека ЕУ влезе во процес на внатрешни избори кои ќе донесат промена на актери, други ќе бидат назначени во функциите на ЕУ. Затоа, треба да има крај на оваа тековна фаза, додека ЕУ треба отворено да признае дека не успеала и да побара од Америка да посредува во бриселскиот дијалог, вели Тахири.
Според неа, прашањето за забраната на употребата на српскиот динар во земјата не треба да биде тема на дијалог меѓу Приштина и Белград, бидејќи тоа прашање е внатрешен проблем на Косово.
- Прашањето за динарот не треба да биде тема на дијалог бидејќи тоа е внатрешно прашање на Косово, тоа е внатрешен проблем, бидејќи Косово во Уставот има дефинирано дека нашата земја има само една валута, а тоа е еврото, рече Тахири.
Таа вели дека Владата го прекршила Уставот и суверенитетот на Косово со тоа што прифатила да стапи во дијалог со Србија за динарот. Дијалог, според неа, може да се води со српските граѓани на Косово.
- Со тоа што Владата на Косово се согласи да стапи во дијалог со Србија за динарот, Владата го прекрши Уставот и суверенитетот на Косово, бидејќи разговара за внатрешна тема со друга држава, дотолку повеќе со непријателската држава која се уште не го признава Косово. Владата можеше да разговара со српските граѓани на Косово, од северниот дел на нашата земја, бидејќи тие се оние кои го користат динарот, изјави Тахири.
Поранешната главна преговарачка во дијалогот меѓу Косово и Србија спомена случај кога претходните влади одбиле да разговараат за внатрешни теми во дијалогот со Србија. На истот начин, вели таа, требало да постапи и актуелната Влада.
- Јас како главен преговарач и минатите влади категорично одбивавме да разговараме за внатрешни теми во бриселскиот дијалог со Србија. Кога Србија изгради нелегален ѕид на север, ние одбивме да разговараме за тоа во Брисел, и успеавме, нелегалниот ѕид беше урнат, откако владата преговараше со Србите од северот. Токму поранешниот премиер (Иса) Мустафа го одржа овој дијалог во својот кабинет со локалните Срби со посредство на американската амбасада и како резултат на тоа беше постигнат договорот. И оваа влада можеше да го стори истото, изјави Тахири за „Фронт онлајн“.