Во Охрид трета година по ред во периодот од 30 јуни до 5 јули ќе се одржува Ракометниот камп „40х20“, организиран во рамки на проектот „Ракомет за секое дете“.

Според организаторот на кампот, „Агенцијата КМГ Спорт“, интересот за учество е неверојатно голем, во рекордно кусо време пополнет е предвидениот број учесници, како од Македонија, така и од забележителен процент учесници од Шведска, Шпанија, Србија и Турција.

„За само пет дена беше пополнет капацитетот на предвидени учесници. Големиот интерес за овогодинешното издание го најавија родителите на децата од странство кои сакаа нивните деца да бидат дел од кампот, пред се од Шведска, од каде имаме рекорден број на деца, но и од Шпанија, Србија и Турција. Нивната култура на планирање, но и потреба со време да се резервира авионски билет, придонесува истите уште од крајот на минатата година да го најават своето учеството“, вели Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“.

Како што посочи, при изборот содржини на кампот особено внимание се обрнува на индивидуалниот пристап во работата со учесниците од повозрасните групи, работа во мали групи, според позиција во ракометот.

„Тоа го прави овој камп уникатен и многу квалитетен и продуктивен“, вели тој.

Како што истакна, на кампот во Охрид нема само ракомет, манифестацијата нуди обемна содржина, прилагодена на возраста на одредени групи на деца.

„Покрај квалитетната работа, индивидуалниот пристап и работата во групи, врз основа на возраста на децата, како дополнителен квалитет на самиот настан е и карактерот и посветеноста на тренерите, грижата и залагањето на истите за време на кампот во Охрид... На кампот имаме деца од 7 до 17 години, и токму затоа програмата е различна во однос на возраста. Со највозрасните се работи и трипати на ден, во голема мера индивидуално, со цел отстранување на недостатоците и надградба на знаењето од ракометен, но и во однос на спортска психологија, додека со помалите категории се работи во групи од 8 до 15 деца, и покрај ракометот програмата содржи доста едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно користење на базенот во комплексот „Аквалина“, вели Ѓоргоноски.

Како и минатите години, пред одржување на кампот секој од учесниците ќе биде прегледан во клиниката „Жан Митрев“, а на кампот за учесниците ќе се грижат најдобрите тренери за работа со млади категории, надополнети со тренери и предавачи од странство, како по однос ракометот како спорт, така и за промовирање здрав начин на живот и спортска психологија.

И оваа година во рамки на кампот ќе се одржи Тренерскиот семинар наменет за тренери кои работат со млади категории, надграден и збогатен со нови содржини.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2024 14:26