Албанскиот парламент, конечно се врати во нормала, по хаосот што од октомври минатата година го создаваа опозицските демократи-приврзаници на Сали Бериша, на секоја пленарна седница.

Во собраниската сала присуствуваа претставници на германската и британската амбасада, како и мисијата на ОБСЕ.

По договорот меѓу Социјалистичката партија и групата на Бериша „Обнова на ДП“, на дневен ред беше формирањето на две анкетни комисии, за истражување на тендерите од областа на здравството, посебно за стерилизација и комисија за ТИМС системот, како и други прашања, меѓу кои и ратификацијата на договорот за соработка меѓу владите на Албанија и на Косово во областа на високото образование и научното истражување.

Сепак, седницата беше преполна со обвинувања за проекти кои владата ги реализира или планира да ги реализира, особено на албанското крајбрежје, на што министрите даваа одговори за придобивките од тие проекти за земјата и граѓаните.

Поради долгото задржување на говорницата и одбивање на предупредувањата истата да ја напушти, претседателката на парламентот Линдита Никола, од седницата го исклучи официјалниот лидер на ДП, Љуљзим Баша, поради „запоседнување на говорницата“.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2024 15:59