Косовскиот премиер Албин Курти се сретна денеска со специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Саразин, со кого разговарал за регионалната соработка и економската интеграција меѓу земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на службата за информирање на Владата на Косово, на средбата одржана во резиденцијата на амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде, станало збор и за подготовките за следниот Самит на Берлинскиот процес, кој годинава го одбележува својот десетгодишнина.
Изразувајќи благодарност за тесната билатерална соработка меѓу Германија и Косово, Курти, според соопштението, ја истакнал посветеноста на Косово на добрососедските односи, како и важноста од спроведување на договорите постигнати во Берлинскиот процес.
-Премиерот истакна дека Косово е посветено и заинтересирано за добрососедство, демократски напредок и социо-економски напредок во регионот, каде што граѓаните се крајни уживатели на придобивките и ја нагласи важноста од брзото и целосно спроведување на договорите постигнати во Берлинскиот процес, а кои ги зголемуваат мобилноста на граѓаните и можностите за развој, се вели во соопштението.