Ја поздравувам историската одлука на лидерите за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, откако земјата направи импресивни чекори во приближувањето кон Европската Унија, изјави доцна синоќа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата по завршувањето на првиот ден од Самитот на ЕУ во Брисел.
- За нешто повеќе од една година е постигнат поголем напредок, отколку за повеќе од една деценија. Босна и Херцеговина сега е целосно усогласена со нашата надворешна и безбедносна политика. Видовме и одржлив напредок во усвојувањето на важните закони. Видовме напредок во управувањето со миграцијата, а Босна и Херцеговина направи голем напредок во дијалогот и помирувањето, истакна Фон дер Лајен.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пак, на истата прес-конференција дека во својата одлука за старт на преговорите со БиХ, европските лидери ја повикуваат Комисијата да ја подготви преговарачката рамка со цел нејзино усвојување од страна на Советот на ЕУ, откако ќе бидат преземени релевантните чекори наведени во нејзината препорака.
Тој соопшти и дека вечерва телефонски разговарал со премиерката на БиХ, Борјана Кришто со цел лично да ја информира за одлуката на Советот и честитал за овој успех на земјата.
Фон дер Лајен истакна и дека ЕУ, како и што вети, многу јасно продолжува да стоиме на страна на Украина, за што доказ е исплатата оваа недела на 4,5 милијарди евра од Украинскиот фонд.
- Мораме да продолжиме да ги поддржуваме напорите на Украина да возврати на бојното поле. Затоа, мило ми е што лидерите го поддржаа нашиот предлог за искористување на непланираните приходи од замрзнатите руски средства. Ова ќе обезбеди финансирање за воена опрема за Украина, изјави Фон дер Лајен, притоа изразувајќи благодарност до Чешка за нејзината иницијатива да обезбеди 800.000 гранати на Украина.
Мишел пак истакна дека на Самитот е донесена и одлука за поддршка на Украина во делот на проширувањето и на нејзините напори за спроведување на реформите.
- Преговарачката рамка е на маса и го повикуваме Советот да работи брзо на нејзино усвојување. Се надевам дека тоа ќе се случи уште за време на белгиското претседателство, истакна Мишел.
Фон дер Лајен најави и дека ЕК подготвува предлог за зголемување на царините за увозот на руски и белоруски житни култури, маслодајни семиња и производи од нив.
- Има неколку добри причини за овој предлог. Тоа ќе спречи руското жито да го дестабилизира пазарот на ЕУ, ќе ја спречи Русија да ги користи приходите од извозот на овие стоки во Европската унија и ќе осигура дека илегалниот руски извоз на украдено украинско жито нема да влезе на пазарот на ЕУ, додаде претседателката на ЕК.
Таа нагласи дека руската агресија врз Украина и даде нова свест и нова одговорност на ЕУ, како резултат на што земјите членки потрошија дополнителни 100 милијарди евра за одбраната.
- Тоа е добро, но ние мора да ја зајакнеме одбранбената индустриска база на Европа. Не само што треба да трошиме повеќе, треба да трошиме подобро и треба да трошиме европски. Ова е она за што се однесува нашата Европска стратегија за индустриска одбрана што Комисијата ја поднесе пред две недели. Лидерите се обврзаа да го зголемат производството, да ги надминат недостатоците во капацитетите и да трошат заедно соработувајќи на проекти и најавувајќи заедно. Придобивките од спроведувањето на Стратегијата се многу јасни. Тоа може да ја подобри интероперабилноста на нашите вооружени сили, нагласи Фон дер Лајен.
Според Мишел, со ваквите мерки ќе се придонесе за финансирање и зајакнување на одбранбените капацитети и индустриската база на ЕУ.
- Со децении европскиот проект се базираше на просперитет, економска соработка и споделување на заеднички вредности, а одбраната и безбедноста се сметаат како нешто што во рацете на НАТО. Но, денеска решивме да ги зајакнеме столбовите на безбедноста и одбраната на ЕУ, рече Мишел.
Во однос на состојбата на Блискиот Исток тој нагласи дека лидерите на ЕУ уште еднаш го осудиле нападот на Хамас од 7 октомври, но повикале и на спречување на хуманитарната трагедија во Газа.
- Веруваме во меѓународното право и меѓународното хуманитарно право и сите сме убедени дека има можности за поголем хуманитарен пристап, изјави Мишел, додавајќи дека од тој аспект од суштинска важност е поддршката на УНРВА.
Мишел нагласи дека е неопходно да се избегне ескалација на конфликтот во регионот на Блискиот Исток и упати апел до израелската Влада да не презема операција во Рафа, која би можела да има катастрофални последици.
- Веруваме во решението за две држави, веруваме во обнова на политичкиот процес. ЕУ може да биде многу активна во реализацијата на овие напори, додаде Мишел.
Претседателката на ЕК, пак, истакна дека лидерите постигнале консензус дека е потребна итна хуманитарна пауза во Газа, што ќе доведе до одржлив прекин на огнот, безусловно ослободување на заложниците и обезбедување хуманитарна помош.
- Газа е на работ на глад и катастрофална хуманитарна ситуација. Од суштинско значење е целосен, брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап до Газа преку сите рути, рече Фон дер Лајен.
Според неа, на Газа дневно и потребна хуманитарна помош копно, воздух и море, еквивалентна на товар што можат да го понесат 500 камиони, па затоа Европскиот совет го одобрил предлогот за воспоставување поморски коридор од Кипар до појасот за да може да се испорачаат дополнителни количества помош.
Мишел заклучи дека со овие одлуки е потврдено единството на ЕУ за многу важни прашања, а во тие рамки била и средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на која е повредена определбата на Унијата да работи на одбрана на мултиалтерализмот и меѓународната соработка.
- Имаме единство и посветеност. Пораката до европските граѓани е дека ЕУ е цврста и робусна, а порака до остатокот од светот дека сме посветени на одбрана на нашите вредности и веруваме во меѓународното право. Пораката до Кремљ е дека брзината со која носиме геополитички одлуки покажува дека не сме исплашени и дека ќе правиме се што е неопходно за мирот, просперитетот и безбедноста, додаде Мишел