Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е горд на постигнувањата на неговата Влада до денес, кога се одбележува третата годишнина од владеењето, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција заедно со министерот за финансии Хекуран Мурати, на која зборуваше за неговата тригодишна работа како премиер, Курти рече дека има најголемо досега вработување на младите, а како едно од значајните достигнувања на владата во овој мандат, напомена дека благодарение на мерките што ги преземала Владата, во овие три години се вработиле над 30 илјади жени.

- Навршуваме три години владеење и постигнавме резултати со кои сме горди и со крената глава. Вработеноста е поголема од било кога досега, имаме двојно повеќе млади вработени на пазарот на труд, над 30.000 жени имаат работа преку нашите директни мерки и поддршка. Тука има и формализми на вработувањето, но формализмот на економијата е континуиран напор на владите и кога ќе се случи, тоа е и успех на Владата, рече Курти.

Шефот на косовската влада изјави дека го намалиле јазот меѓу извозот и увозот со поддршка на локалните производители, а прометот на бизнисите во 2023 година, вреден 19,7 милијарди евра, според него, достигнал рекордно ниво.

Курти рече дека во неговата влада има повеќе владеење на правото и борба против корупцијата, но „нејзиното искоренување зависи од судовите и обвинителството“.

За 63 проценти е зголемен бројот на пазарни инспекции, рече Курти, нагласувајќи дека на северот на државата, населен со мнозинство Срби, „нелегалноста е намалена, а законитоста се зголемува“.

- Нашата армија е посилна и поподготвена од било кога, бидејќи има двојно поголем буџет, нагласи Курти.

Тој рече дека е свесен оти имало потешкотии, но интересот на државата секогаш бил во преден план.

- Знам дека за ова време поминавме низ тешкотии, но како влада го имавме на ум најдобриот интерес на земјата, рече Курти.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2024 03:40