Американскиот амбасадор во Приштина, Џеф Ховениер изјави дека очекува Владата на Косово, предводена од премиерот Албин Курти, да работи во партнерство со Вашингтон, за да може да се постигне напредок на Косово, пишува Радио слободна Европа (РСЕ).

На денешната конференција организирана од Советот на амбасадори на Косово по повод 25-годишнината од воената интервенција на НАТО, со која заврши последната војна во Косово, Ховениер го повтори американскиот став дека единствениот пат на Косово кон евроатлантските интеграции е дијалогот за нормализација на односите со Србија, кој се води со посредство на Европската Унија.

-Нема друг начин, а особено спроведувањето со доверба и во целост на сите заложби што ги презема Косово во дијалогот е нешто за кое не се преговара. Од оваа Влада на Косово, како и од претходните влади, очекуваме да работи во партнерство со нас, додека нашите напори продолжуваат за да градиме просперитетно, мултиетничко и безбедно Косово во регионот на Западен Балкан, рече Ховениер.

Од 2011 година Косово и Србија водат политички дијалог со цел нормализирање на односите меѓу државите. Во текот на процесот беа постигнати многу договори, но малку од нив се спроведуваат на терен. Минатата година страните се договорија за Договорот за патот кон нормализацијата, но според Европската унија, Приштина и Белград не го спроведуваат истиот, забележува РСЕ

САД, кои го поддржуваат бриселскиот дијалог, постојано ги повикуваат страните да ги спроведат сите договори од дијалогот.

Односите меѓу Косово и САД во последно време беа напнати поради одлуката на косовските власти да ја забранат употребата на српскиот динар. Американските власти побараа Косово да го одложи спроведувањето на одлуката, напоменувајќи дека ова прашање претставува предизвик во билатералните односи.

Американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека со неисполнувањето на американското барање за прашањето на динарот, Владата на Косово не го третира Вашингтон како партнер.

Во меѓувреме, потсетувајќи на интервенцијата на НАТО во Косово пред четврт век, за да се стави крај на, како што рече, „етничкото чистење“ на Косово од страна на „машинеријата (на тогашниот српски лидер, Слободан) Милошевиќ“, Ховениер рече дека неговата земја е посветена да се осигура дека таквите настани нема да се повторат.

-Сакам да ја потврдам нашата посветеност да се осигураме дека страшните настани што се случија пред 25 години во Косово никогаш повеќе нема да се повторат. Остануваме посветени на поддршката на стабилизирачката улога на силите на НАТО, КФОР“, рече Ховениер, нагласувајќи дека интервенцијата на НАТО е неопходна и легитимна „со оглед на хуманитарната криза на која светот беше сведок во тоа реално време, рече американскиот дипломат.

На 24 март се навршува четврт век од почетокот на воздушните напади на НАТО врз воено-полициски цели во поранешна Југославија.

По 78 дена напади, бомбардирањето престана на 10 јуни 1999 година, со усвојувањето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Оваа резолуција беше компромис на петте земји постојани членки на Советот за безбедност врз основа на кои беше формирана администрација на Обединетите нации, УНМИК, во Косово, која ја администрираше преодната фаза до формирање на локални институции и трајно решавање на статусот на Косово.

Воената интервенција на НАТО во Косово овозможи враќање во нивните домови на повеќе од 800.000 раселени лица во и надвор од Косово.

На 12 јуни 1999 година, во Косово започна распоредувањето на речиси 50.000 војници од 36 земји во светот, од кои 30.000 беа од земјите на НАТО.

Дваесет и пет години по оваа интервенција, мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, има многу помал број војници, односно околу 4.700, пишува Радио Слободна Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2024 03:49