Во владата се мајстори во изнаоѓање на други виновници за својата неспособност. Власта на СДСМ и ДУИ изминативе 7 години покажа тотална неспособност во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Такви симболи на нивната неспособност се скандалот со Онкологија, Рамиз Мерко и ранг листата на која Македонија се наоѓа во борбата против корупција, изјави пратеникот и член на ИК, Антонијо Милошоски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител во врска со измените на законот за рестриктивни мерки.
Милошоски истакна дека овој предлог закон стигна во Собранието на 7 февруари, само 7 дена пред распишувањето на изборите и ако ова било приоритет за владата тогаш овој закон би требало да стигне најмалку пред 2,3 или 4 години бидејќи црните листи не се никаков новитет.
- Сакам да појаснам дека веќе постојат актуелни закони според кои владата може и има алатки да се бори против корупцијата и посочените лица на црната листа. Такви се Законот за меѓународна соработка во кривичната материја. Министерот за правда или јавниот обвинител можат уште утре да потпишат замолница и да испратат барање со САД да им ги испратат сите списи, информации и документи за посочените лица и против нив да процесуираат постапки, нагласи Милошоски.
Милошоски додаде дека преку законот за кривична постапка тоа е членот 273, секој кој ќе дознае дека некое кривично дело се случило или има индиции особено ако е државен орган има должност за тоа да го извести јавното обвинителство, затоа ако министерот или заменик министерката за правда имаа информации можеа да поднесат до обвинителството.
- Гледаме дека владата за жал има прилично слаб правен тим. Овој тандем на Лога со заменик министерката Аврамоска Мадиќ се најслабиот тандем, а во самиот закон кој го доставуваат гледаме неусогласеност со закон за влада, со закон за ЈО, со закон за кривична постапка. Затоа ние сметаме дека за овој закон треба да следи јавна расправа бидејќи стручната фела од обвинители, адвокати и професори никогаш не биле обединети како сега дека овој закон е неконзистентен со веќе вградениот и постоечки нормативен систем на нашиот правен поредок, нагласи Милошоски.
Милошоски изјави дека по однос на лицата кои се на црна листа ВМРО-ДПМНЕ од прв ден повика советниците во Струга да е ги гласаат одлуките на Рамиз Мерко, но за него гласаат советниците на СДС, ДУИ и другарите на Кренар Лога.
- Ние го повикавме Мерко да поднесе оставка, Али Ахмети не го повика. Како ќе ја убеди државата дека гради Европски фронт а не може да го убеди Мерко да поднесе оставка. СДС поради тоа што се блиски до Катица Јанева и Рамиз Мерко е причината зошто не ги користат постоечките механизми. Не може заради неспособноста на власта да се бара алиби и да се префрла на некој друг. ВМРО-ДПМНЕ во следниот собраниски состав ќе организира јавна дискусија на оваа тема на која ќе поканиме и експерт од Европол експерт од САД за рестриктивни мерки и санкции да може тој закон да биде компатибилен со закон за влада, закон за обвинителство, за кривична постапка и за меѓународна соработка во кривична материја, рече Милошоски.