Кошаркарот на Реал Мадрид, Марио Хезоња и членот на Ефес, Илија Брајант, се прогласени за најкорисни играчи (МВП) во 31. коло во Евролигата, соопшти денеска елитното натпреварување.
Со своите настапи во оваа рунда Хезоња и Брајант собраа по 33 индексни поени.
Хезоња одигра главна улога во победата на Реал против Партизан во Белград со 88:76. Тој постигна 25 поени, уфрлувајќи пет „тројки“ од шест обиди, а имаше и шест скокови и четири асистенции. Воедно Хезоња не направи ниту еден фаул, а изнуди шест во победата со која Реал го потврди првото место на крајот од регуларниот дел.
Брајант беше најдобар во важната победа на Ефес против Алба со 85:84. Тој забележа 24 поени, пет скокови, четири асистенции, две украдени топки и една блокада.