ВМРО-ДПМНЕ преку Платформата 1198 се обврзуваме на економска трансформација на Македонија. Време е економијата да ја стабилизираме зошто претходната влада ја остава во пропаст. Време е да ги спроведеме нашите заложби и политики за да почне економијата да генерира раст и развој.
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на раст на БДП од 5%. Тоа ќе се спроведе преку задржување на ниски даноци и даночни поволности за фирмите и граѓаните, преку поддршка на земјоделството, извозот, малите микро и средните претпријатија, производствените капацитети, но и стартап компаниите. Ќе донесеме 10 годишна стратегија за привлекување на странски директни инвестиции.
Нашиот модел на раст базира на поттик на домашните инвестиции на приватниот сектор и на силни јавни инвестиции во продуктивни цели, во транспортна и енергетска инфраструктура, во образование, здравство и подобра животна околина. Планираме 3 милијарди евра за капитални инвестиции во еден мандат, од кои 250 милиони евра годишно само за регионален развој, за општините.
Но, една држава не може да постигне висок и одржлив економски раст ако не работи на трите основни фактори на производство: трудот односно работната сила, капиталот т.е. инвестициите и технолошкиот развој и иновациите, како и на зголемување на нивната продуктивност.
Впрочем, тоа се главните фактори коишто ги препознаваат и компаниите. Затоа, идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи интензивно на создавање на услови за зголемување на конкурентноста на домашните и странските компании во Република Македонија, за поголем обем на инвестиции за забрзан технолошки развој.
Кои се тие проблеми, за кои идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ има решенија содржани во Програмата:
1. Недостаток на квалификувана работна сила. Решение: со сите сили ќе настојуваме да го вратиме оптимизмот во државата со цел да ги задржиме работниците во земјата, а за подобрување на квалитетот на нивните знаења и вештини преку мерките на пазар на труд и реформи во образованието, дуално и СТЕМ образование и финасиска писменост, ќе ја подигнеме продуктивноста на трудот.
2. Невладеење на правото и неефикасниот судски систем. Решение: ќе спроведеме вистинска длабока реформа во судството, а институциите ќе работат исклучиво според законите во интерес на граѓаните и бизнисот;
3. Корупцијата. Решение: имаме силна политичка волја за силен фронт против корупцијата. Стоп засекогаш;
4. Правната несигурност и честото менување на законите. Решение: ќе одржуваме предвидливо даночно и регулаторно опкружување, со ниски даночни стапки и намалување на парафискалните давачки за компаниите;
5. Бирократијата и спората акција од страна на јавната администрација. Решение: регулаторна гилотина и смарт Македонија т.е. дигитализиран јавен сектор/јавни услуги и професионализација на јавната администрација;
6. Сивата економија. Решение: силна и посветена борба преку даночна, трудова политика, Царина, УЈП и подигање на колективната свест;
7. Енергетската несигурност и растот на трошоците за енергија. Решение: енергетска сигурност преку зголемување на домашното производство;
8. Проблеми во инфраструктурата. Решение: значајни капитални инвестиции за подобрување на транспортната инфраструктура.
Политиките за развој ќе допринесат и за ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0% - 2,5% годишно. Не може Македонија да има 50% повисока инфлација од Еврозоната. Потребни се одлучни политики, а ние знаеме како да ги направиме.
Работењето со јавните финансии и финансиската дисциплина се клучни за економски раст, но и за влевање на сигурност кај инвеститорите, како странските, така и домашните. Оттука се обврзуваме на намалување на буџетски дефицит на ниво под 3,0% од БДП. Управувањето со буџетот ќе биде домаќинско и одговорно. Ќе имаме силна борба против сивата економија.
Сите овие предлог мерки, кои се само сублимат на над 1.000 мерки ќе влијаат и ќе овозможат намалување на невработеноста до 7,5%. Имено планираме генерирање на нови 55 илјади работни места. Следува економска трансформација на Македонија. Време е за раст, развој и просперитет. Да го намалиме иселувањето, што помалку млади да размислуваат да ја напуштат државата, туку да ја гледаат иднината тука. Време е да ја вратиме државата на народот.