Грција има важна геополитичка улога обезбедувајќи енергетска безбедност во поширокиот регион, земјата е природна влезна точка за природен течен гас, не само за Грција, туку и за Балканот, а испраќаме гас и во Украина, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при учеството на настан во Торонто на маргините на неговата официјална посета на Канада, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис за време на дискусијата со бизнисменот Ник Нанос организирана од Економскиот клуб на Канада, се осврна на економијата во Грција, истакнувајќи дека земјата повеќе не се смета за „црна овца“ во европското семејство, како што беше, според него, случај во 2019 година кога тој ја презеде власта.

-Економијата расте и верувам дека ќе продолжи да се развива со значително побрзо темпо од просекот во еврозоната, истакна Мицотакис и на потенцијалните инвеститори им порача дека инвестираат во „економија со висок раст со стабилна макроекономска перспектива“.

Посочи дека „грчката економија е економија на широк опсег на активности“, потенцирајќи дека во одредени сектори „можеме да кажеме дека сме светски лидери“, а како пример ги спомена туризмот, но и обновливите извори на енергија.

Говорејќи за туризмот, рече дека „еден од главните предизвици за Грција е продолжувањето на туристичката сезона“.

-Не сакаме луѓето нужно да доаѓаат во Грција во јули и август, кога ќе има многу метеж, а можеби ќе биде и многу топло. Се обидуваме да ја промовираме Грција како дестинација за целата година. Со оглед на тоа што навистина се менуваат навиките на луѓето, начинот на кој патуваат, гледаме дека ова станува пракса. Нашата сезона започнува во март на многу места. Може да заврши во октомври или ноември, истакна Мицотакис.

Во однос на тоа каде ја гледа Грција за 30-40 години, Мицотакис рече дека сака земјата да биде „просперитетна европска земја, да не заостане, да биде протагонист“, додека пак краткорочно се осврна на нееднаквоста во приходите на граѓаните и најави дека во следните неколку дена ќе биде соопштено ново, четврто по ред зголемување на минималната плата.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2024 18:57