Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит потврди дека ќе воведе измени на Изборниот законик на Босна и Херцеговина доколку за тоа нема договор меѓу политичките партии во земјата и дека нема намера уште долго да чека.
Во денешното интервју за сараевскиот „Дневни аваз“, Шмит потсети како уште во декември минатата година побарал договор за технички измени на Изборниот законик, а оттогаш ништо не се случило.
Тој потсети како политичарите во Босна и Херцеговина го прекршија ветувањето што му го дадоа на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел уште во јуни 2022 година, дека на граѓаните ќе им обезбедат фер и праведни избори.
„Договорот не е постигнат, а времето им истекува. Граѓаните сакаат да видат да им се брои гласот, а доколку нема договор ќе преземеме мерки“, рече Шмит потврдувајќи дека е подготвен да користи т.н. бонски овластувања кои му даваат можност да наметнува закони и да разрешува избрани функционери.