Кое е решението за денешниот политички ќорсокак? Предлогот што му го дадовме на премиерот. Итна оставка и распишување избори. Да си замине како избран премиер по откривањето на еден огромен скандал, како што би се случило во која било демократска земја во Европа, пишува лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис во неговата колумна во весникот „Ефимерида тон синдактон“, јави дописничката на МИА од Атина.

По текстот во весникот „То вима“, според кој разговорите меѓу одговорните на железничките станици на денот на железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година, објавени тогаш во медиумите биле монтирани за, веројатно, да се зајакне тврдењето дека причината за судирот на двата воза е човечка грешка, Каселакис бара оставка од Мицотакис и предвремени избори заедно со европските, но во присуство на меѓународни набљудувачи.

Претседателот на грчката опозициска партија како пример ги споменува оставките поради скандали на австрискиот канцелар Курц, португалскиот премиер Коста и на британскиот премиер Џонсон и истакнува дека во Грција постои „владино прикривање на криминал“ со 57 жртви.

-Инсистирам на спроведување избори - и европските избори – со присуство на меѓународни набљудувачи и очекувам помош од европските институции. Аргументот дека ова не се случува во напредните демократии, за жал денес не важи за нашата држава. Во која друга напредна демократија има влада која го манипулира местото на злосторството? Која монтира доказен материјал? Која незаконски следи политичари, воени лица, бизнисмени? Која од партиски причини незаконски присвојува доверливи лични податоци на гласачите? Која е осудена од самиот Европски парламент за владеење на правото? Кој може да верува дека таквата Влада ќе спроведе фер избори без никакво сомневање?, пишува Кселакис.

Додава дека неговата покана до премиерот е „да си замине достоинствено“ и „со оставка да го олесни развојот на настаните“.

Колумната, Каселакис, како што самиот открива, ја напишал од касарната во градот Тива каде што го отслужува воениот рок, а вчера учествуваше на воената парада по повод националниот празник на Грција.

За ставовите на лидерот на СИРИЗА, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите порача дека Каселакис „свесно станува поткопувач на државата“ и истакна дека „никој никогаш не ја оспорил регуларноста на изборите“.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2024 23:04