Деветнаесетгодишник од Куманово се заканувал со нож на полициски службеник, удрил еден од полицајците додека го претресувале и му пронашле марихуана, која ја подготвил за продажба. Обвинителството денеска поведе истрага за две дела.

- На 25 март, при личен претрес на осомничениот пред станбената зграда во која живеел, полицијата пронашла околу десет грама марихуана која претходно ја набавил од непознато лице, ја спакувал во седум помали пакувања и ја наменил за натамошна продажба. Додека му бил вршен претресот, тој од џебот извадил нож и им се заканил на полициските службеници, а со дршката од ножот удрил еден од полицајците, нанесувајќи му телесна повреда, соопшти Обвинителството.

Основното јавно обвинителство Куманово поведе истрага против него и го сомничи за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции од член 215 став 1, но и напад на службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, а Основниот суд во Куманово го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.

Претходно СВР Куманово информираше дека полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Н.П.(19) од затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

- Исто така, при приведувањето, физички нападнал полициски службеник, а подоцна оштетил и дел од инвентар во просториите на СВР Куманово, соопштија од полицијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2024 00:11