Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека силно се залага за забрзување на процесот за влез на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но дека сите што се надеваат на членство во ЕУ мора да бидат свесни дека тоа не е геополитичка одлука, туку процес кој е поврзан со конкретни реформски чекори.

Тој појасни дека тоа се однесува на решавање на билатерални спорови кои претставуваат пречка, се вели во транскриптот од прес-конференцијата на Шолц со словенечкиот премиер Роберт Голоб, објавен на веб-страницата на германскиот канцелар.

- Ова се однесува, на пример, на прашањето како да се внесе живост во процесот со Северна Македонија, а да не го попречуваат спорови меѓу земјите-членки. Тоа важи и за прашањето Србија-Косово, а секако и за прашањето како да се продолжи со Босна и Херцеговина, објасни Шолц.

Тој додаде дека ЕУ сега нема само да стои настрана како набљудувач, туку конкретно ќе се обиде да постигне напредок во неопходните реформи во БиХ.

- За сите кои се надеваат на членство во ЕУ, важи дека тоа не е процес на одлучување заснован на геополитика, туку процес кој секогаш е поврзан со конкретни реформски чекори. Ова важи за земјите од Западен Балкан, а се однесува сосема конкретно и за Молдавија, Украина и Грузија. И сите ќе помогнеме да се постигне напредок што е можно побрзо, рече Шолц.

Германскиот канцелар оцени и дека Берлинскиот процес, кој го воспостави неговата претходничка Ангела Меркел, се потврди како инструмент за зајакнување на конкретната соработка на Западен Балкан и најави дека оваа соработка ќе се интензивира за да се постигне напредок во целиот регион.

Словенечкиот премиер Роберт Голоб му се заблагодари на Шолц „што имал слух и помогнал да се направи пробој во Европскиот совет кога станува збор за проширувањето на Западен Балкан“.

- Мислам дека канцеларот веднаш увиде колку е важно тие земји да станат членки на ЕУ, сите земји од Западен Балкан да се најдат на патот кон Европа. И кога ги убедуваше другите држави во Европскиот совет, и оние кои беа скептични, канцеларот одигра важна улога, и за тоа сите ние од Западен Балкан треба да му бидеме благодарни, рече Голоб



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2024 04:11