Вицепремеирот и министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ денеска изјави дека одлуката на Политичкиот комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа за препораката за прием на Косово во членство во Советот на Европа е срамна и скандалозна, јави дописникот на МИА од Белград.

-Одлуката на Политичкиот комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа за препораката за прием на на Косово во членството во Советот на Европа е срамно и скандалозно, што ги уништува сите принципи на кои почива Советот на Европа, затоа што по првпат е предложен прием на територија која не е членка на Обединетите нации и не е меѓународно призната, изјави Дачиќ, соопшти МНР.

Тој рече дека одлуката го загрозува територијалниот интегритет и суверенитет на Србија.

-Одлуката претставува уште еден доказ за падот и крајот на меѓународното право, рече Дачиќ.

Претходно денеска Комисијата за политички прашања на Парламентарното собрание на Советот на Европа на состанок во Париз ја прифати препораката Косово да биде покането за членство во таа организација.

На социјалната мрежа Х на таа организација се наведува дека следен чекор е пленарна расправа, која ќе се одржи на 18 април, кога ПСЕ ќе гласа за нејзиното статутарно мислење.

За одлуката гласаа 31 претставници на земјите, а против одлуката беа претставниците на Црна Гора и БиХ, Маја Вукиќевиќ и Сњежана Новаковиќ, како и две претставнички на Србија, Билјана Пантиќ Пиља и Дуња Симоновиќ Братиќ.

Претставникот на Грција во тој политички комитет беше воздржан.

На гласањето по ова прашање му претходеше извештајот на известувачот на ПСЕ за Косово Дора Бакојани, која побара од Приштина да исполни три услови, од кои само еден е исполнет- враќање на имотот на манастирот Високи Дечани, но не и формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население и стопирање на експропријацијата во српските општини



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2024 04:14