Косовскиот министер за одбрана, Ејуп Маќедонци и неговиот хрватски колега, Иван Анушиќ, кој попладнево допатува во посета на Косово, изразија подготвеност за продлабочување на соработката на двете држави во областа на одбраната, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи им се на новинарите по билатералната средба во Министерството за одбрана на Косово, Маќедонци рече дека присуството на хрватските војници во мисијата на НАТО, КФОР, е клучно и многу важно за земјата и придонесува за зачувување и создавање безбедна средина во Косово.

- На полето на одбраната имаме одлични односи со Хрватска. Хрватска го поддржа развојот на одбранбените и безбедносните капацитети во нашата земја. Градиме и ги продлабочуваме односите на полето на одбраната со Хрватска и ја имавме поддршката од хрватската влада и хрватскиот народ во текот на целиот пат од ослободувањето и ќе ја имаме до интеграцијата во европските структури и НАТО, рече Маќедонци.

Хрватскиот министер за одбрана, Анушиќ изјави дека Хрватска ќе продолжи да го поддржува Косово и припадниците на хрватската заедница во него.

-Република Косово е пријател на Хрватска, ќе имаме натамошни заеднички цели, бидејќи тоа се работите што ја вклучуваат интеграцијата на Косово во НАТО. Ќе продолжиме да го поддржуваме Косово и нашиот народ кој живее во Косово, рече Анушиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2024 04:18