Поранешниот селектор на кинеската фудбалска репрезентација Ли Тие (46) призна денеска во текот на антикорупциската судска постапка дека примил поткуп, кривично дело за кое поранешниот прв човек на кинескиот фудбал Чен Џујан претходно оваа недела беше осуден на казна доживотен затвор.

Ли, кој ја водеше кинеската репрезентација од јануари 2020 до декември 2021 година, призна дека примил поткуп во износ од речиси десет милиони евра.

Обвинет беше за плаќање и примање мито и учество во местење натпревари..

Ли призна дека „примил и нудел мито“ додека беше селектор на кинеската репрезентација и дека бил вклучен во местење натпревари во периодот кога беше тренер на фудбалските клубови Хебеи и Вухан. Двата клуба беа расформирани во јануари лани, а се наведува дека во периодот од 2017 до 2021 година Ли примил повеќе од 9,8 милиони евра поткуп.

„Ли Тие ја призна вината и изрази каење“, соопшти судот во Хебеи, додавајќи дека неговата казна ќе биде објавена дополнително.

Признанието доаѓа два дена откако државните медиуми објавија во вторникот дека поранешниот претседател на Фудбалска асоцијација на Кина, Чен Џујуан, кој, исто така, призна дека примил поткуп, е осуден на доживотен затвор.

Ли Тие во кариерата одигра 92 натпревари за кинеската репрезентација. Покрај бројните кинески клубови, од 2002 до 2006 година го осеше дресот и на Евертон, а потоа две сезони и на Шефилд Јунајтед.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2024 04:10