Актуелните шампиони на Европа не планираат да го сменат тренерот кој им ја донесе најголемата чест. Иако изданието на Мундобаскетот во 2023 година не беше најдобро, Серхио Скариоло речиси сигурно ќе остане на клупата на „црвената фурија“.

Италијанскиот селектор веќе се подготвува за квалификацискиот турнир за Олимписките игри. Шпанија е во групата А со Ангола и Либан, додека во групата Б се Финска, Полска и Бахамите. На Олимпијадата ќе настапи само победникот на турнирот во Валенсија.

Договорот на Скариоло со репрезентацијата истекува во август, но тој за шпанските медиуми изјави дека веќе е во напредни преговори со Шпанската кошаркарска федерација кога е во прашање нов договор.

-Водеме многу интензивни разговори. Секако дека чекаме потврда дека Елиса (Елиса Агилар) ќе остане претседателка, така што тие разговори се ставени на мирување, но тие ќе продолжат што е можно поскоро, изјави Скариоло.

Италијанецот изјави и дека е задоволен што за прв пат во изминатите неколку години не ги тренирал истовремено и клубот и репрезентацијата.

-Очигледно ме радуваше годината во која само ја водев репрезентацијата. Тоа беше еден вид рестарт и точно е дека имам нова енергија и желба да продолжам со репрезентацијата, но и ако се појави интересен проект на клупско ниво, објасни Скариоло.

Ова е втор мандат на искусниот стратег на клупата на „црвената фурија“. Во првиот освои два златни медали на Евробаскет и сребро на Олимписките игри во Лондон, додека во вториот беше многу поуспешен. Од 2015 година до денес, под водство на Скариоло, Шпанија освои два златни и еден бронзен медал на ЕП, злато на Мундобаскетот во Кина и бронза на Олимписките игри во Рио де Жанеиро



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2024 16:12