Тренерот на англискиот првак Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави денеска дека Ерлинг Холанд е најдобриот напаѓач на светот и застана во одбрана на својот фудбалер по критиките од поранешниот капитен на градскиот ривал Манчестер јунајтед, Рој Кин.
Холанд, кој постигна 36 голови во Премиер лигата минатата сезона, не успеа да се запише во листата на стрелци во неделното реми 0-0 со Арсенал, изнудувајќи критики од Кин дека перформансите на 23-годишниот норвешки фудбалер биле далеку под нивото во Премиер лигата.
„Неговиот целокупен ефект е прилично слаб, и не само денес. Мислам дека мора да се подобри … тој е речиси како играч од втора лига“, изјави Кин за Sky Sports по натпреварот.
Гвардиола рече дека не се согласува со коментарите на Кин за Халанд, кој сезонава со 18 голови е најдобар стрелец во лигата.
„Халанд е најдобриот напаѓач во светот и ни помогна да ја освоиме тројната круна минатата сезона. Причината што не создадовме многу шанси не беше поради Ерлинг. Одигравме извонреден натпревар против Арсенал, но не креиравме шанси во последните 30 минути. За квалитетот и вештините што ги поседува, Халанд е исклучителен“, посочи Гвардиола.