Фудбалерот на Арсенал, Олександр Зинченко изјави денеска дека доколку биде повикан ќе ја напушти Премиер лигата и ќе замине во Украина да се бори за својата земја, која е во војна со Русија.
„Мислам дека одговорот е јасен. Би заминал да се борам“, рече украинскиот фудбалер во изјава за Би-Би-Си.
Украинецот додаде дека неговите другари од училиште во моментов се на бојното поле.
„Тешко е да се разбере дека до неодамна бевме во исто училиште, игравме на фудбалски терен, а сега тие треба да ја бранат нашата земја. Искрено, тешко е да се прифати, но тие не можат да се откажат“, изјави Зинченко.
Дефанзивецот на Арсенал рече дека досега донирал околу 1,16 милиони фунти за да им помогне на луѓето во неговата земја од почетокот на војната во 2022 година.
„Знам дека некои луѓе ќе мислат дека ми е многу полесно да бидам овде во Лондон отколку во Украина. Навистина се надевам дека војната наскоро ќе заврши“, рече Зинченко.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, оваа недела потпиша закон со кој се намалува старосната граница за мобилизација од 27 на 25 години.