Дванаесет постигнати голови на 26 натпревари не се резултат од кој ниту еден напаѓач треба да се срами, но кога се работи за Карим Бензема, многумина веруваат дека ова не е претстава со која треба да се гордее.

За тоа е свесен и францускиот фудбалер, а како причина за послабите игри фудбалерот на Ал Итихад го наведе фактот дека му е потребна помош од соиграчите за подобри игри.

Тој тоа го изјави во интервју за медиумите во Саудиска Арабија, кои му поставија конкретно прашање зошто не е на нивото на кое беше во Реал Мадрид.

-Тоа е сосема нормално. Ова не е Реал Мадрид, имам други играчи до мене и сосема е очекувано моите игри да бидат поинакви. Не можам да играм и да победувам сам, ми требаат квалитетни соиграчи како што имав во Реал Мадрид, изјави Бензема.

Французинот се пресели во Саудиска Арабија пред нешто помалку од една година, но се уште не е познато дали и следната сезона ќе го носи дресот на истиот клуб.

-Има време, ќе видиме што ќе се случи во иднина. Ова е моја прва сезона во Саудиска Арабија, и каде и да играм сакам да победувам и да постигнувам голови. Целосно сум фокусиран на она што се случува во Ал Итихад и не сум размислувал воопшто за промена на средината. Секој ден се појавуваат нови информации, па ќе видиме што ни носи времето, енигматично изјави Бензема.

Ал Итихад моментално го зазема четвртото место на табелата на Саудиска Арабија, а на последните два натпревари овој клуб не успеа да победи.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2024 17:07