Сите докази и сите активности треба да му бидат достапни на јавниот обвинител и сметам дека на тој начин треба да се реши оваа работа којашто го обременува овој изборен процес, изјави лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања за случајот со изнуда на пари со лажно претставување и за обвинувањата за фалсификување документи и лажни вести во изборни цели.

На прашање дали има сознанија кое е лицето што се претставувало како вработен во Агенција за национална безбедност (АНБ) и изнудувало пари, за кое денеска Обвинителството соопшти дека поведува истражна постапка, и дали тој рекетирал пари за да се користат за кампања на СДСМ, како што праша опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски одговори дека тоа е сторија на истражувачки новинар.

-Никогаш не сум го доведувал во прашање интегритетот на било кој новинар особено кога се работи за вакви искази... Деновиве гледаме препукувања во кои има јасен став изразен од новинар кој бил присутен најчесто и на прес-конференциите коишто јас сум ги држел и кој обзнани информации и документи што потврдуваат дека ВМРО-ДПМНЕ не се променило ниту милиметар од она што беше до 2016 година. Ако јас кога ќе го кажев тоа дека ВМРО-ДПМНЕ не е променето и дека ги користи спрегите помеѓу општините, националниот телевизиски сервис и други актери, морав да се извинувам кога ќе ме повикаше ЗНМ, сега имате од независен новинар, кој никогаш и мене не ме штедел при поставување на прашањата и, сепак, сметам дека за овие работи треба да интервенира јавното обвинителство, исто како што и тој тоа го направи и го повика и мислам дека сите докази и сите активности треба да му бидат достапни на јавниот обвинител. Така што сметам дека на тој начин треба да се реши оваа работа којашто го обременува овој изборен процес, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на промоција на штанд за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во Центар.

Во однос на обвинувања за фалсификување документи и лажни вести во изборни цели, одговори дека тој што ги поседува најдобро ќе каже.

-А самиот новинар кажа дека го повикува Јавното обвинителство да го истражи случајот. Јас други детали немам ниту сум имал во однос на случајот, додаде Ковачевски.

На прашање за обвинувања дека преку „Марковски компани“ тендери од РЕК Битола „се исплаќал израелскиот стратег Асаф Есеин“, Ковачевски одговори дека никого не познава во таа компанија, ниту сопственикот ниту кој било вработен.

-Јас бев две години претседател на Владата, ја извршував работата најтранспарентно, за тоа сведочат ревизиите без ниту една забелешка направени во Кабинетот на претседателот на Владата, и сметам дека имаме институции кои треба да ја докажат својата независност и својата компетентност да ги извршуваат сите активности, рече лидерот на СДСМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2024 16:28