Во најголемото дерби во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед и Ливерпул попладнево ги поделија бодовите 2:2 (0:1). Во исклучително возбудлив натпревар гостите можеа да победат, но не ги искористија бројните можности кои ги создадоа.
„Црвените“ фантастично го отворија натпреварот. Редеа шанса по шанса, а наградата стигна во 23. минута кога Луис Дијаз го совлада Андре Онана. Домашните немаа ниту еден удар кон голот на гостите во првите 45 минути, па Ливерпул со минимално водство замина на паузата на полувремето.
На стартот на вториот дел беше забележана значително поинаква слика, бидејќи „црвените ѓаволи“ израмнија од првиот удар кон голот. Се чинеше дека момците на Јирген Клоп повторно ќе ја преземат иницијативата, но Коби Меину ги помеша сметките со голот кој донесе целосен пресврт за домаќинот. Гостите не се предадоа, Дарвин Нуњез и Мохамед Салах имаа можности но не ги искористија.
Сепак, Салах ја имаше најдобрата шанса во 84. минута бидејќи судијата на натпреварот покажа пенал. Египќанецот беше мирен и лесно го совлада Онана. Се чинеше дека Ливерпул ќе оди на сите три бода, а Дијаз ја имаше најдобрата шанса во судиското надополнување, но неговиот удар помина високо над голот.
По ова реми на „Олд Трафорд“, Ливерпул падна на второто место со 71 бод. Исто толку има и првопласираниот Арсенал, но со подобра гол разлика. Од друга страна, Манчестер Јунајтед остана на шестата позиција со 49 бодови