„Ајде да градиме училишта, болници и детски игралишта. Минатото не можеме да го избришеме, ниту да го промениме“, вака Лана од Белград одговара на иницијативата на градоначалникот на главниот град на Србија, која одекна и во соседството.

Александар Шапиќ, кандидатот на владејачката Српска напредна партија за истата позиција на претстојните избори во Белград, се залагаше Музејот на Југославија да стане „музеј на српската историја“.

Тој ја најави и иницијативата за враќање на гробот на Јосип Броз Тито, кој се наоѓа во музејскиот комплекс, во Кумровец, Хрватска, каде е роден доживотниот претседател на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).

„Шапиќ води кампања на популистички и националистички бран и сигурно ќе има уште слични предлози. Не се ни сеќавам на тој период, но сето тоа има големо значење како споменик на културата“, изјави Немања од Белград за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Залагањето за „преместување“ на гробот на Тито било дел од програмата на повеќето десничарски партии во Србија, но ова е првпат да дојде од претставник на власта.

Уште во раните 1990-ти, радикалите на хашкиот осуденик Воислав Шешељ го бараа истото.

„Не знам какви политички поени може да добие и каква политичка програма е тоа каде го уништувате културното наследство на еден град?“, прашува историчарката Бранка Прпа.

Додека српското Министерство за култура не одговара на прашањата на РСЕ за иницијативата за преместување на гробот на Тито и укинување на еден од најпосетуваните музеи во земјата, реагираат градоначалниците од соседните држави.

Челниците на главниот град на Босна и Херцеговина порачаа дека наследството на водачот на антифашистичката борба во Втората светска војна е добредојдено во тој град.

На ист начин реагираше и градоначалникот на Цетиње во Црна Гора, а идејата Јосип Броз да се врати во родниот Кумровец ја поддржа и градоначалникот на таа општина во Хрватска.

Јосип Броз Тито почина на 4 мај 1980 година во Љубљана.

Четири дена подоцна, тој беше погребан во зимската градина на неговата белградска резиденција на Дедиње, која подоцна беше наречена „Куќа на цвеќето“.

Речиси четири децении раководење на доживотниот претседател на СФРЈ ги одбележа антифашистичката борба, комунистичката револуција, оттргнувањето од сталинова Русија и балансирањето меѓу Истокот и Западот за време на Студената војна.

Што рече Шапиќ?

„Ќе покренам иницијатива Јосип Броз да се врати во Кумровец, од каде што дојде, и Куќата на цвеќето да биде место каде ќе почиваат најголемите српски великани, да биде музеј на српската историја“, ја објави Шапиќ на Инстаграм на 3 април неговата изјава од гостувањето на телевизијата Информер.

Историскиот музеј на Србија, за кој се залага Шапиќ, постои во Белград од 1963 година.

„Тој го зачувува тоа културно наследство кога станува збор за артефакти. А кога станува збор за документи, тоа е зачувано од Архивот на Србија“, потсетува за РСЕ историчарката Бранка Прпа.

Што чува Музејот на Југославија?

Од Музејот не сакаат да ги коментираат изјавите на Шапиќ.

Под името Музеј на историјата на Југославија, основан е во 1996 година.

Во негов состав денес се наоѓа Куќата на цвеќето во која се гробниците на Броз и неговата сопруга Јованка, Стариот музеј со постојани поставки и Музејот „25 мај“ со тематски изложби.

Во склоп на комплексот е и „Паркот на скулптури“ со 20 дела од познати југословенски уметници, како Антун Аугустинчиќ, Фран Кршиниќ, Стеван Боднаров и други.

Повеќе од 200.000 експонати на Музејот ја илустрираат југословенската историја во текот на 20 век, со акцент на животот и делото на Јосип Броз Тито.

„Можеме да бидеме среќни што го имаме затоа што овој музеј, како и Архивот на Југославија, влезе во сукцесијата по распадот на југословенската држава. Се почитуваше принципот на провиниенција, односно таму каде нешто настанало треба да остане на територија на Белград“, вели Прпа.

„Тоа се меѓународни договори за сукцесија и други прашања и тоа не може да се реши како што мисли Шапиќ, пред се затоа што српската држава ја презеде одговорноста да го зачува тоа културно наследство“, вели Прпа.

Од нејзиното отворање во 1982 година, Куќата на цвеќето ја посетиле околу 20 милиони луѓе. Претежно странци од сите делови на светот, според информациите на Туристичката организација на Белград.

„Милошевиќ закопан како канаринец“

По објавата на Инстаграм, Шапиќ дополнително ја објасни иницијативата за „преселување“ на гробот на Тито.

„Не станува збор за тоа дека некој сака да ја уништи таа зграда или да заборави на тој период од нашата историја. Никогаш не треба да заборавиме на периодот на комунистичката историја, бидејќи тој е еден од најкатастрофалните за српскиот народ“, рече Шапиќ на 4 април за ТВ Пинк.

Тој го пофали водачот на четничкото движење во Втората светска војна, Драгољуб Михаиловиќ, кој во 1946 година беше осуден за воени злосторства и соработка со нацистичка Германија.

Во 2015 година, Високиот суд во Белград пресуди дека судењето на Михаиловиќ е „политичко-идеолошки процес на комунистичкиот режим“, но дека судот не е надлежен да ги утврдува фактите дали тој е воен злосторник.

Шапиќ се осврна и на поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, кој почина во 2006 година во притвор на Хашкиот трибунал, каде што му се судеше за злосторства за време на војните во 1990-тите во поранешна Југославија.

Погребан е во дворот на семејната куќа во Пожаревац.

„Милошевиќ го погребавме како канаринец, дури ни на гробишта не беше погребан, а овој (Тито) лежи овде на Дедиње“, додаде Шапиќ.

Во текот на својата политичка кариера, поранешниот ватерполист во два наврати се сликаше со осудениот воен злосторник Веселин Шљиванчанин.

Член на неговата партија, Српскиот патриотски сојуз - СПАС, која се спои во Српската напредна партија (СНС) во 2023 година, е Светозар Андриќ, кој е под истрага во Босна и Херцеговина за воени злосторства.

Во досегашната кампања Шапиќ како кандидат на СНС изјави дека на Белград му е потребен „српски градоначалник“ кој нема да дозволи „сецесионистичка и антисрпска политика“.

„Проблемот е што српското општество е подложено на рехабилитација на тези, личности и идеи кои ја доведоа оваа земја во војна и ужас во 1990-тите. А Шапиќ е дел од таа матрица“, вели историчарката Бранка Прпа.

На иницијативата на Шапиќ се спротивставија коалициските партнери на СНС од Социјалистичката партија на Србија.

Иницијативата беше критикувана и од партиите на опозициската коалиција „Србија против насилството“ - Зелено-левичарскиот фронт и Движењето на слободни граѓани.

Сите барања за „преместување“ на Тито

Гробницата на Јосип Броз Тито е мета на десничарските движења и партии од почетокот на деведесеттите и распадот на Југославија.

На единаесетгодишнината од неговата смрт, 4 мај 1991 година, радикалниот водач, а подоцна и хашки осуденик Воислав Шешељ и неговите приврзаници донесоа кол од глог пред „Куќата на цвеќето“ за да го спречат Тито да се „повампири“.

Тогаш Шешељ, како и Шапиќ, побарал посмртните останки на Тито да бидат преместени од Белград во неговиот роден Кумровец во Хрватска.

Жителите на поранешните југословенски републики се најбројни посетители секој 4 мај, на денот на смртта на Тито и на 25 мај, кога се славеше Денот на младоста (роденденот на Броз).

Истото барање во 2000 година го упати и лидерот на десничарското опозициско движење Двери, Бошко Обрадовиќ.

Иницијативата се уште е во предизборната програма на Движењето за возобновување на Кралството Србија, чиј лидер е внукот на Драгољуб Михаиловиќ, Воислав Михаиловиќ.

Што велат во Сараево?

Има место за наследството на Тито во главниот град на Босна и Херцеговина, изјави премиерот на кантонот Сараево, Нихад Ук по говорот на Шапиќ.

Тој го обвини градоначалникот на Белград за националистички изјави и историска релативизација.

„Постои антифашистички град кој се гордее со наследството на партизаните и едно од најголемите антифашистички движења во Европа за време на Втората светска војна, но и со антифашистичкиот отпор кон болните идеологии во блиското минато“, напиша УК на 3 април на својот Фејсбук профил.

Градоначалникот на Белград одговори дека не му е важно каде ќе биде преместен гробот на Тито.

„Сакам симболично да раскрстиме со тоа. Еве, ова девојче од Сараево се јавува, велат дека може и таму - немам никаков проблем, нека оди каде и да е“, изјави градоначалникот на Белград за Пинк на 4 април.

„Ова мало девојче од Сараево“, ја нарече Шапиќ својата колешка, градоначалничката Бенјамина Кариќ, која го поддржа ставот гробот на Тито да биде преместен во Сараево.

„Сепак, длабоко верувам дека Белград е многу повеќе од реториката и идеите на градоначалничката која моментално е на чело и дека антифашистите, кои ги има многу во Белград, нема да дозволат вакво сквернавење на симболот на антифашизам“, изјави Кариќ за РСЕ.

Ако градоначалникот на Белград ги спроведе своите идеи, „нека се знае дека Сараево никогаш не било, не е и нема да биде тесно, напротив!“, рече таа.

Сараевчани со кои разговараше РСЕ гледаат популизам во говорот на градоначалникот на Белград.

„Тоа е нашата историја и не треба да се чепка. Таму е погребан и претпоставувам дека треба да остане. Но, ако не сакаат, еве сме бујрум“, вели пензионерката Мелиха.

Пензионерите од Сараево, Мелиха и Сеад, велат дека биле пионери на Тито и дека би ја поддржале идејата неговиот гроб да биде преместен во Сараево, доколку „Белград не го сака тоа“. Дваесетгодишниот Филип вели дека иницијативите да се премести гробот на Тито каде било, немаат смисла.

„Тито е ликот на антифашизмот и тие приказни за преместување на гробот се луди. Популизам е сето тоа и ја отсликува моменталната ситуација. Тито не го заслужи ова“, рече Филип.

„Тој е добредојден овде, но ништо не треба да се прави, освен да остане таму каде што е“, вели Филип.

„Сепак, Сараево е мултиетничко, мислам повеќе од Белград и Загреб. Сето тоа е борба, но јас сто проценти поддржувам да се пресели од Куќата на цвеќето во Сараево“, рече Аида од Сараево.

Одговор од Цетиње

Градоначалникот на Цетиње Никола Ѓурашковиќ изјави дека црногорскиот град секогаш ќе биде отворен за Тито, но и за сите антифашисти.

Тој додаде дека Белград, „далу му се допаѓа тоа на Шапиќ и неговите или не, бил ослободен од партизански трупи под команда на Пеко Дапчевиќ, кој до врховниот командант Тито доставил извештај за слободата на српската и југословенската престолнина“.

„Ако денес во Белград нема место за симболот на антифашизмот и ослободувањето од окупацијата, бидете уверени дека сигурно го има во Цетиње“, порача Ѓурашковиќ во соопштението на 4 април.

Иницијативата на белградскиот градоначалник ја поддржа и првиот човек на хрватската општина Кумровец, Роберт Шплајт.

„Ние на сето ова не гледаме преку некоја идеологија или враќање на некои стари времиња и системи, туку преку комерцијализација на целата приказна“, рече Шплајт на 4 април, а пренесе агенцијата Хина.

Статуа на Јосип Броз пред неговото родно место Кумровец, 13.09.2017

Тој потсети дека Кумровец годишно го посетуваат над 160.000 туристи.

Ако посмртните останки на Тито се вратат, вели тој, може да достигнат милион годишно.

Радио Слободна Европа на српски јазик



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2024 12:16