Следниве податоци би можеле да се сместат под заеднички назив "непознато за познатото", бидејќи сигурно сте чуле, на пример за St. Patrick - светиот заштитник на Ирска, кој всушност и не бил Ирец. Или, дека последните зборови на Алберт Ајнштајн умреле заедно со него бидејќи медицинската сестра која била покрај него не разбирала германски.
ЛУД СВЕТ
Дека не треба да им се замерува на владетелите покажува и примерот на рускиот цар Петар Велики, кој му ја отсекол главата на љубовникот (швалерот) на неговата сопруга и ја ставил во стаклен сад со алкохол, а потоа за непослушната сопруга што подобро да ја научи лекцијата, стаклениот сад го поставил покрај нејзиниот кревет. Ништо понемилосрден не бил ни Џорџ I, па кога во 1714 станал англиски крал, неговата сопруга не станала кралица бидејќи ја ставил во домашен затвор.
Доколку сте прочитале некоја посериозна книга за гусари, тогаш најверојатно знаете дека поголемиот дел од нив носеле златна обетка само за после смртта да можеле да си дозволат пристоен погреб.
Во 18-от век, властите во некои делови од Европа морале да донесат посебен закон со кој требало да стават контрола врз незаситниот апетит кон џинот кај сиромашните. Се превзеле драстични мерки кога потрошувачката на овој алкохолен пијалок пораснала на пет милиони галони годишно.
Мартин Лутер Кинг - една од најзначајните личности на 20-от век, неуморниот борец против расната дискриминација и добитник на Нобеловата награда за мир, како дете во 12-тата година бил толку депресивен што дури двапати пробал да се самоубие скокајќи од прозор (најверојатно, не му се умирало вистински, има и поефикасни методи).
А сега следи прашање за "Милионер": Зошто Александар Бел - пронаоѓачот на телефонот, никогаш не им телефонирал на неговата сопруга или на мајка му? Не е затоа што дома немале телефони, туку затоа што двете биле глуви.
Една од најзанимливите коинциденции поврзани со пророштвата е поврзано со Титаник кој потонал во 1912 година. Петнаесет години претходно, писателот Морган Робертсон објавил роман чие дејство се случувало околу брод со огромна големина, кој на своето прво патување една магловита вечер се забил во санта мраз и потонал. Бродот во романот на Робертсон се викал Титан!