Од далечното минато па до ден денес, луѓето се плашеле од тоа што не можеле да го разберат и рационално да си го објаснат. Одговорите на своите прашања ги барале во науката и религијата, а многумина едноставно одлучиле да ги прифатат и барале начин да се заштитат. Така се појавиле и бројните облици на празноверија, ритуали кои многумина ги практикуваат и денес. Во продолжение, еве ги приказните за корените на некои од најпознатите празноверија.
Бројот по 12
Толку е омразен, што Грците дури смислиле и поим кој означува страв од бројот 13 - triskaidekaphobia. Верувањето во неговата негативност е присутно во скоро сите модерни општества, па така некои од најлуксузните хотели на светот немаат 13-ти кат или соба со тој број, авионите немаат седиште со број 13 и слично. Постојат многу теории за тоа што довело до ова верување, па така една од нив вели дека станува збор за христијанското негирање на женските принципи (13 менструални циклуси годишно), потоа се верува дека Исус бил разапнат на петок 13-ти, како и дека 13-ти на последната вечера стигнал Јуда. Од друга страна, во кинеската и египетската цивилизација, бројот 13 симболизира среќа.
Непожелниот домашен миленик
Станува збор за едно од најпознатите празноверија дека ако црна мачка ти го пресече патот, ти се насмеала несреќата. И овдека причината лежи во христијаните, кои сакале да ја омаловажат египетската божица. Освен што мачките биле изложени на масовен прогон, истото се случувало и со нивните сопственици, кои биле прогласувани за вештери.
Ако истуриш сол, сееш зло
Значи, ако ви се случи да ви се истури сол, еден дел од неа мора повторно да ја истурите, ама преку левото рамо (како да не). А сето ова поради тоа што солта низ историјата била сметана за нешто исклучително вредно. Римјаните своите војници ги плаќале со сол, а од дамнешни времиња во медицината се користела како средство за заштита. Солта била користена и во магичните ритуали за давање благослов и истерување на злото. Од таму потекнува и фрлањето преку левото рамо кое има "функција" да ги брка демоните.
Магичниот триаголник на скалите
Их, ова е нешто што никако несмее да ви се случи, бидејќи носи несреќа. Освен сите опасности во кои можете да западнете доколку се протнете низ нешто што се склопува и расклопува, проаѓањето низ триаголникот кој го формираат скалите и земјата се смета за исклучително лошо и негативно затоа што секој триаголник сам по себе претставува Свето тројство и секое влегување во тој свет простор носи несреќа. Демек.
Огледалце, огледалце...
Ако го скршите, сте си обезбедиле скоро цела деценија несреќа, или поточно - седум години. Имено, огледалото е рефлексија на човековата душа и духовната состојба на човекот, па се верува дека неговото кршење може да предизвика штета. Наводно, закопувањето на скршените парчиња може да ја спречи несреќата. Едно од објаснувањата за ова празноверие се крие во прилично банална причина. Имено, првите огледала биле толку скапи што оној кој ќе скршел огледало, морал седум години бесплатно да му служи на неговиот сопственик за да ја отплати штетата.
Чукни во дрво
Доколку изјавите нешто што симболизира среќа, благосостојба, задоволство, брзо пронајдете некој предмет и чукнете во него три пати. Ако не направите така, злите духови ќе ви ја расипат среќата. Ова верување потекнува од древните пагански верувања дека духовите живеат скриени во дрвата. Чукањето во дрво им оддавало признание и демонстрирало свесност дека токму тие можат да помогнат против злото, а било начин и да им се заблагодари за среќата и благосостојбата.
Дланките кажуваат дали ќе добиете или изгубите пари
Доколку имате среќа да ве зачеша левата дланка, можеби ќе добиете пари. Објаснувањето за ова празноверие сеуште не е најдено.
Прекрстување на прстите
Уште еден облик на заштита од злите духови. Имено, ако ги прекрстиме прстите, ќе го сопреме секој обид на злите духови со својата негативна природа да ни наштетат на тоа што треба да ни се случи. Исто така, прстите се прекрстуваат кога некој ќе одлучи да излаже, како верување дека тоа ќе го заштити од евентуалните последици на лажењето.
Затвори го чадорот
Демек, ако го отворите предвреме во затворена просторија, би можело да ви се случи дожд од несреќи. Корените на ова верување се кријат во дамнешните времиња кога чадорите се користеле пред се како заштита од сонце. Нивното отварање во затворена просторија било навреда на богот на сонцето, а последиците нормално би можеле да бидат страотни. Еј, а како сонцето не се навредува кога од него се криеме на отворен простор?
Наздравје
Порано се верувало дека со кивањето човекот исфрлува делови од својата душа, но отвора и простор за злите духови. Денес, во нашата свест терминот "зол дух" е заменет со терминот "болест". Луѓето во минатото не знаеле за бактериите, вирусите и останатите носители на заразни болести со кои денес секојдневно се дружиме.